Сите потребни мерки за справување со болеста антракс во селото Долно Строгомиште во Кичевско се преземени. Засега болеста е детектирана само кај едно одледувалиште, а соседните се ставени под надзор на официјален ветеринар. Нови случаи на појава на болеста кај добитокот нема, а нема и заболени луѓе од антракс.

Ова го наведуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство во демант на прес-конференцијата на Цветан Триупновски од ИК на ВМРО-ДПМНЕ во кој наведуваат дека партијата и овој пат во недостиг на идеи како да го „анимира“ народот, ја манипулира јавноста, непотребно се обидува да влее страв преку лиферување  лажни информации.

-Агенцијата за храна и ветеринарство е одговорна институција, болеста за која денес ВМРО–ДПМНЕ непотребно создава паника не е новост во нашата земја и за неа согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните  се врши превентивна вакцинација во дистриктите (места каде се преземаат посебни мерки за сузбивање и искоренување на оваа болест со задолжителна вакцинација на животните во наредните 20 години). Во последните десет години болеста антракс е дијагностицирана во државата во 2009 година во Велес и 2015 година во село Раович, Сарај, наведуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Појаснуваат дека во селото Долно Строгомиште во Кичевско се преземени неопходните мерки. Угинатите животни под надзор на официјален ветеринар се спалени и нештетно отстранети, во фармата е извршено темелно чистење и дезинфекција. Донесена е и забрана за влез и излез на животни од и во одгледувалиштето.

-Болеста е детектирана само кај едно одгледувалиште. Соседните одгледувалишта се ставени под надзор на официјален ветеринар. Нови случаеви на појава на болеста кај добитокот нема, стои во соопштението.

Информираат дека одржан е итен соостанок на Комисијата за заразни болсети при Министерството за здравство, спроведени се и епидемиолошко испитување за утврдување на можниот извор на заразата, а се врши и едукација на населението од ова населено место.

Исто така, се спроведува интерна постапка за утврдување на почитување на пропишаните процедури во случај на појава на зоонозни болести кај животните.

Од АХВ истакнуваат дека наредена е мерка спроведување на вакцинација кај добитокот против болеста Антракс во оваа населено место.

-Како одговорна институција, апелираме ваквите состојби да не се злоупотребуваат и користат во политички цели, непотребно да не се менипулира и злоупотребува народот, туку да се верува на институциите кои се грижат за заштита и на здравјето на граѓаните и на животните, стои во демантот од Агенцијата.