Турција подготви акциски план и ќе почне да го спроведува од понеделник за да ги смири инвеститорите, изјави во неделата министерот за финансии Берат Албајрак, откако курсот на лирата во однос на американскиот долар падна на ново најниско ниво во историјата.

Во интервјуто објавено на интернет страницата на дневникот Хуриет, Албајрак рече дека слабоста на лирата е последица на „напад“, повторувајќи ја изјавата на претседателот Таип Ердоган, истакнувајќи дека е подготвен акциски план.

„Од понеделник наутро, нашите институции ќе ги преземат неопходните чекори и ќе го информираат за тоа пазарот“, рече Албајрак, но не изнесе конкретни детали во врска со планираните чекори.

Тој рече дека планот е подготвен за банките и секторот за реална економија, вклучувајќи ги и малите и средни претпријатија, кои се најмногу погодени од флуктуациите на курсот на валутата.

„Брзо ќе ги преземеме потребните чекори со нашите банки и банкарскиот регулатор“, рече тој.

Тој ги отфрли сите шпекулации дека Турција би можела да интервенира во банкарските сметки во долари, велејќи дека било какво одземање или конверзија на тие депозити во лири не доаѓа во предвид.

Во понеделникот наутро, на почетокот на тргувањето во азиско-пацифичкиот пазар, курсот на лирата падна на ново најниско ниво во историјата, повеќе од 7 лири за долар, откако во петокот лирата изгуби 16 отсто, што е најголем дневен пад од почетокот на финансиската криза во Турција во 2001 година.

Од почетокот на годината вредноста на лирата изгуби повеќе од 45 проценти, главно поради загриженоста во врска со влијанието на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган врз економијата, неговото барање за ниски каматни стапки и влошувањето на односите со САД. Дополнително, САД од денеска започнаа со двојно даночење на челикот и алуминиумот увезени од Турција.

Претходно, турската централна банка соопшти дека е подготвена да ги преземе сите мерки за да ја осигура финансиската стабилност на земјата, како и ликвидноста на сите банки, кога официјалната валута – лирата падна на историски најниско ниво во однос на доларот, како и на азиските пазари.

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денеска изјави дека Соединетите Американски Држави ѝ забиле нож во грбот на Турција.