Делегација на високи американски функционери отпатува во Венецуела за да разговара со Владата на претседателот Николас Мадуро околу можноста за ублажување на санкциите за извозот на венецуелска нафта, во момент кога администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден размислува за забрана за увоз на руска нафта и гас, пишува „Вашингтон пост“, повикувајќи се на изјави на два извора кои се запознати со ситуацијата.

Според весникот, ова е највисоко ниво на контакт меѓу двете земји во изминатите неколку години, што се случува во момент кога САД настојуваат да ја изолираат Русија поради нејзиниот напад врз Украина.

Посетата на американската делегација доаѓа само неколку дена откако Мадуро и рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговараа за зајакнување на партнерството меѓу нивните земји.

Во изминатите неколку недели, некои американски инвеститори побараа од администрацијата на Бајден да ги укине санкциите кон Венецуела за да може земјата да испрати повеќе сурова нафта на пазарот, објави „Волстрит журнал“.