Европскиот стабилизациски механизам вчера соопшти дека ја исплатил последната транша од помошта за Грција во висина од 15 милијарди евра.
Во соопштението се посочува дека од вкупната сума, 9,5 милијарди се наменети за создавање на фонд, кој треба да и помогне на Грција за покривање на финансиските потреби за период од речиси две години. Останатите 5,5 милијарди евра од средставта се предвидини за исплата на доспеаните рати од кредитите на Грција.
Според директорот на Европскиот стабилизациски механизам, Клаус Реглинг, исплатата на последната рата од помошта е доказ дека Грција изминала долг пат за време на тригодишната програма за спас и дека „посветеноста и жртвувањето на грчкиот народ вродиле со плод“.
Меѓународната помош за Грција, која трае речиси една деценија, официјално завршува на 20 август, но иако грчките и европските политичари тоа го објавуваат со оптимизам, за обичните Грци тоа не значи дека тие излегуваат од економското тонење. Зашто, како што објавува Бизнис инсајдер, многу Грци не можат да ја заработат ниту просечната плата од 800 евра, па се среќни ако месецот донесат дома барем 400 евра.
Интересена е и анализата во „Вашингтон пост“ кој истакнува дека единствената добра вест е оти завршила програмата, но вистината е дека има малку надеж за иднината. Врочем со не многу оптимистички прогонози за грчката економија е и ММФ. Притоа ММФ потенцира дека и покрај тоа што на Грција и се дава долг период за отплата на долговите со ниски камати, се уште земјата има огромен долг, мал раст и премногу слаб приватен сектор што сето тоа не дава причина дека на земјата нема да и биде потребна помош и во иднина.
„Доаѓаме до најлошата вест: Европа можеби го слави ова како успешна приказна, но Грција е една од најголемите економски пропасти видени само во земји кои поминале низ револуција или биле во војна. Поточно, ако ги ислучиме микроземјите како Сан Марино на пример, има само четири земји кои помалку се развивале, односно паднала нивната економија – Либија, Јемен, Венецуела и Екваторијална Гвинеја (ММФ нема податоци за Сирија). Првите две се земји беа погодени од граѓанска војна, а другите две се петро-диктатури кои се корумпирани. Дури и Украина има подобри резултати од Грција“, пишува „Вашингтон пост“.
За споредба, економијата на Украина од 2008 година паднала за 17,8 проценти, додека на Грција за цели 23,6 проценти.
„Наместо стимуланс, Грција доби штедење – и многу со тоа. Согласно програмата за помош, Грција треба да постигне примарен буџетски суфицит од 2,2 проценти од БДП до 2060 година. Токму така: уште четири децении штедење. Во тој случај нема дилеми дека дури во 2030 година грчката економија ќе се врати на нивото каде била во 2008 година. И ова Европа го вика успех: економија која толку многу паднала како земјата да била погодена од војна“, анализира „Вашингтон пост“.