Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски е убеден смета дека на претстојниот натпревар со Словенија од квалификациите за ЕУРО 2020, неговите избраници ќе се прикажат во најдобро светло.
– Убеден сум дека дуелот со Словенија ќе биде нашето најдобро издание, затоа што за нас ова е многу важен натпревар, но истовремено и дуел во кој ќе уживаме. Самите се донесовме во ситуација да се надеваме на висок пласман во групата и ќе направиме сѐ за да го постигнеме тоа, изјави Ангеловски.
Тој ќе може да смета речиси на истите играчи од претходните средби. Дарко Велковски отпадна поради повреда, а се чекаат последните медицински наоди за Енис Барди за да се знае дали ќе може да игра. Во националниот тим се враќаат Ристовски и Тошевски, а Бејтулаи нема право на настап со Словенија поради три жолти картони.
Натпреварот меѓу Македонија и Словенија се игра на 10 октомври на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.