Украинската армија соопшти дека поради ескалацијата на вооружените борби во Авдијевка, издадена е наредба за повлекување на украинските војници од југоисточниот дел на тој град, но и дека оваа одлука, како што се наведува, не и дава никаква стратешка предност на Русија.
Олександр Тарнавски, командант на југоисточната воена зона на Украина, на својот канал Телеграм објави дека украинските единици се повлекле со мали загуби.
„Во тешка ситуација на бојното поле, каде што останаа само урнатини и купишта тули, наш приоритет е да ги спасиме животите на војниците“, напиша Тарнавски.
Командантот на југоисточната воена зона на Украина ја опиша областа Авдијевка како „жаришна точка на линијата на фронтот долга околу 1.000 километри“.
„Непријателот деноноќно извршува масовни артилериски напади и не запира со истовремени напади од повеќе правци. Украинските војници маневрираат, се повлекуваат од уништените позиции и ги зацврстуваат своите позиции на новите линии на одбрана“, објави Тарнавски и потврди дека руските сили дејствуваат со намера да го „избришат градот од лицето на земјата“.
Фото: МИА архива