Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска телефонски разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски за да ја нагласи посветеноста на САД на поддршката на Киев, во пресрет на втората годишнина од почетокот на руската инвазија, соопшти Белата куќа.
„Украинската војска беше принудена да се повлече од Авдијевка, откако украинските војници мораа да рационализираат муниција поради намалените залихи како резултат на неактивноста на Конгресот, што резултираше со првата значајна добивка на Русија по неколку месеци“, се вели во соопштението.
Се додава дека Бајден ја истакнал потребата американскиот Конгрес итно да усвои закон за испраќање дополнителна помош за украинските сили.
„Претседателот Бајден ја потврди силната поддршка на американската влада и американскиот народ за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, соопшти Белата куќа.
Повлекувањето на украинската армија од градот Авдијивка, на истокот на земјата, е „доказ за неактивноста“ на американскиот Конгрес кој ја блокира дополнителната воена помош од 60 милијарди долари за Украина, оцени синоќа Белата куќа.
Портпаролката на Советот за национална безбедност Адријен Вотсон го повика Конгресот да ја одобри помошта „без одложување“ откако украинската војска се повлече од градот. На овој начин Русија оствари симболична победа, по неуспехот на украинската контраофанзива започната минатото лето.
Украина со месеци се надева дека ќе се гласа за клучниот пакет помош од 60 милијарди долари предложен од администрацијата на демократскиот претседател Џозеф Бајден во неговата кампања за втор мандат.
Таа помош е блокирана од републиканската опозиција во Конгресот, под влијание на поранешниот републикански претседател на САД, Доналд Трамп.
„Ова е цената на неактивноста на Конгресот. Украинците продолжуваат храбро да се борат, но им снемува муниција“, изјави Вотсон.
Одлуката за повлекување од Авдијевка Киев ја донел по неколкумесечни интензивни борби. Соочени со недостиг на муниција и побројни на бојното поле, украинските сили најавија повлекување.
„Тоа беше праведна одлука да се спасат што повеќе животи“, рече вчера во Минхен украинскиот претседател Володимир Зеленски, каде што учествува на Конференцијата за безбедност.
Фото: МИА архива