„Секој од нас луѓето на мајката земја, планета се раѓа со т.н. психофизичка обдареност. Тоа е она што ви го дала мајката природа. Тоа го викаме рацонална или когнитивна интилегенција. Но, таа интилегенција е само 10 проценти. Тоа е инстиктивно-нагонскиот дел. Тоа сакал- не сакал го добиваш. Го имаш“, вели проф. д-р Методиј Чепреганов, специјалист по невропсихијатрија. Според него на таа подлога доаѓаат неколку закони на природата кои треба да умееме да ги искористиме.

-Ако првиот дел е она што ни го дала мајката природа, тогаш вториот дел е семејното воспитување, третиот е образованието и едукација- најважниот дел во матурацијата, во зреењето на една личност. Четвртиот, петиот, шестиот и седмиот дел се практично орнаментот на личноста. Тоа е инкорпорација на социјални, морални, етички и духовни норми. Зошто го кажувам ова? Тоа е што го викаме ние зреење на една личност, матурација. И сега во животот или си созреан или имаш многу психопатски фалинки во менталниот склоп, во карактерот. Нашиот народ, не затоа што сакал, туку затоа што претрпел многу лузни во текот на своето постоење, во својот живот, за жал, има се уште многу фалинки. Прво, сите работи ги решава со емоции. До максимум. А секоја зголемена емоција или психоемотивен наплив ни ја пореметува логиката. Ја стеснува свеста и го пореметува логичното мислење. Тоа е основниот проблем на мојот народ. Фалинката му е во тоа што тој нема социјално препознавање, што, пак, значи- да знам да разговарам, да знам да почитувам, да знам да размислувам, да знам да бидам флексибилен и толерантет. Затоа што и другиот од другата страна е личност, не сум само јас. Проблемот на мојот народ е така наречената хипертрофија на егото.

Што, пак, значи инает и суета. Тоа се главните проблеми поради кои ние не се слушаме, не се разбираме. Ние сме раслоени, раздвоени. Нашиот народ има раскинато ткиво. „Вие и ние“. Па кои се тоа вие, а кои се тоа- ние? Па ние сме еден ист народ. Е сето тоа има огромно влијание во интерперсоналните односи. Оти најголемиот проблем во животот, како што го нарекуваме во мојата наука, е екологија на духот. Тоа се интерперсоналните односи, интерконтактот. Како вие и јас разговараме, како се гледаме, како мафтаме со рацете, со каков вокабулар зборуваме, каков тон, и да не набројувам понатаму. За жал ние имаме многу такви фалинки и тоа се одразува во секој од нас.

Колку ова е причина за „двојниот аршин“ кон пандемијата? Тие што мислат дека го има-се штитат и себе си и другите. Тие што мислат дека го нема-ниту себе ниту другите ги штитат.

-Епидемии имало, има и ќе има. Дали е ова лабораториски или не, тоа е веќе друго прашање. Меѓутоа односот на нашиот народ, за жал, на дел од народот, е катастрофален, нереален, немаат одговорност, немаат самодисциплина, немаат разбирање дека ова е животозагрозувачки проблем за него, за неговите блиски, за неговите пријатели, опкружувањето и за сите кои се наоѓаат околу него. За жал огромен дел од нашиот народ тоа се уште не го сватил. И да бидам искрен, тоа што се појави вториот дел, овој пораст на заразените е резултат на свештените лица кои ги направија литиите, па ги отворија џамиите. Од тоа страда целиот чесен народ. Тоа е такво непочитување, неразбирање, немање дисциплина, тоа е нереалност, необјективност. Тоа се луѓе кои не можат да сватат дека сите ги загрозуваат. Јас сум на прва борбена линија, па носам визир, носам маска, морам да се пазам и сам себе и сите околу мене. Па, јас сум свесен за тоа, но за жал огромен дел од народот не е. Па 50 проценти од нив не носат маски. Сметаат дека ова е лага. А види колку се починати во светот, еве и кај нас. Значи менталниот склоп на колективното јас не е созреано. Тука лежи проблемот.

Што мислите за тоа што дел од луѓето Комисијата за заразни болести ги сметаат за виновници?

-Јас ја почитувам комисијата. Таа предвидела, направила, превзела мерки, претскажала, работи. И вие сега ќе кажувате како треба? За жал поголемиот дел од народот не слуша и прави како него му одговара. Како си сака. Тоа е што ние како народ секогаш сакаме да поминеме од страна и да го изиграме правото, законот или да ги изиграме нештата. Тоа за мене е трагедија.

Зошто луѓето се однесуваат како да е тренд, како да е исправно да не се почитува ништо, не само односнот кон пандемијата, туку независно дали тоа е некоја личност спроти него, институција или закон…?

– Ама тоа не е само тренд, тоа е во карактерот на психопрофилот на народот. Јас кога ќе влезам во продавница и секако носам маска и сите ме гледаат како да сум магаре. Место сите да имаат маски и да бидат заштитени, тие мене ме гледаат како магаре. Тоа е трагедијата на овој народ. Па затоа и ние 100 години немаме држава, затоа што не знаеме да се однесуваме. Не сите. Овде има и паметни луѓе кои знаат, советуваат, покажуваат, укажуваат ама за жал има и литии, ифтари, свештеници, оџи, реисови, кои зборуваат обратно и го силуваат народот. Тоа е трагедија, недопустливо. Да одиш против здравјето на сопствениот народ, за кои треба да се грижиш. Тоа за мене е злосторство. Тие треба да бидат ангажирани за да им помогнат, да ги советуваат, а не да ги силуваат. Јас го објаснувам ова според невронауката. Како вели невронауката? При ваква инфекција не важи ни вера, ни раса, ни политика. Важи само умот. Умот да ти царува и да знаеш како да се однесуваш, оти загрозени сме сите. Се зависи од нас, од нашиот ум и пак ќе повторам од нашето воспитување, знаење, морал и духовни и социјални норми.

Професоре како да се скроти егото, како со инаетот да се остават дома, за да може да се функционира како треба?

-Тоа не се прави во еден ден. Ако вие по медиумите секој ден имате глас на народот- вие го силувате народот. Тоа морам да ви кажам на вас новинарите. Треба повеќе емисии за советување, за воспитување, за школство во кои сериозно ќе се учи. Треба да се подготват луѓето. Тоа е процес, тоа не се прави во еден ден. Тоа е процес на кој треба да се мисли од детска градинка до старост.

Тоа значи дека многу доцниме или многу време ќе ни треба да станеме самодисциплинирани?

-Да. Многу. Доцниме 50 години и ако продолжиме вака можеби ќе ни требаат уште сто години за да се свестиме. А ако се опаметиме можеби памалку. Не можете вие во една ваква состојба да го викате народот и да го туркате во болест. Тоа навистина е злосторство.

Како ја оценувате и недовербата кон лекарите?

-Видете, јас не сум политичар. Но, луѓето максимално даваат напори, советуваат и јас сум сигурен дека ниту министерот Филипче, ниту комисијата не е виновна за отворање на црквите и џамиите. А успејаа да ги отворат, претпоставувам, поради политичкиот момент. Тоа додворување го чини другиот дел од народот по 180 дневно болни. Плаќаат недолжните за да некој се додвори да добие повеќе гласови. Тоа е нашата трагедија.

Како и досега, политиката е пред се во животот, па сега, за жал, навлезе и во здравјето?

-Тоа што се отворија верските објекти е само политички момент, кој го плаќаме сите. Баш така, цената на политиката ја плаќаме сите. И што е тука комисијата виновна? Ако тие советуваат а никој не слуша, па зошто комисијата би била виновна? Јас сум виновен, бидејќи јас како индивидуа не сум почувствувал дека треба да направам така како што ме советувале. А, ме советувале за добро.

Што мислите за негативната кампања против др. Караџовски?

-Тој е професионалец и јас го почитувам. Тој даваше убави препораки, се си беше под контрола ама пак ќе кажам, тој не ги отвори џамиите, не го отвори црквите. Не направи ништо. Не знам, веројатно не можеле да го сфатат како што треба. Штом се собрале толку луѓе на еден простор постои опасност за трансмисија, на ширење. Тука лежи зајакот. Ако се собрале да вечераат 30 луѓе заедно доволно е пет од нив да го имале вирусот, па следниот ден одат на друго собирање, ете уште нови пет, па нови пет и така. Но, треба да се сфати дека менталниот склоп на луѓето не можете да го смените. Треба многу работа, многу активност. А не еве сега сум јас и некој не е битен, па место да давам убави совети, да бидам пример за сите, ја копаат короната. Е тоа е трагедијата.

Ако треба време да се смени менталниот склоп, како ќе излеземе од пандемијата?

-Па само со дисциплина, одговорност и почитување на сите мерки. Ако сега ме видите мене ќе се исплашите како изгледам со визирот, со маската и со ракавиците. Ама јас секој ден го правам тоа. Јас сум на првата борбена линија и се штитам и себе и сите покрај мене. Секој треба крајно совесно да се однесува кон оваа животозагрижувачка состојба. Ова ниту простува ниту бира кого ќе нападне. Ако јас го слушам и го спроведувам тоа значи дека сум одговорен. Еве за пример земете ја само Словенија. Тоа е друг ментален склоп на луѓето. Земете го Нов Зеланд. Па тие знаат да почитуваат и да ги спроведуваат мерките, секој поединечно, независно од комисијата. Комисијата кажа што треба и како треба другото се зависи од нас. Сега ќе ја менувале комисијата!? Хахаха па тоа е трагедија. Луѓе кои го жртвуваа животот!!! Па ако можеше Ердоган да воведе четиридневен карантин за Бајрам, ако можеше Мека со толку многу луѓе да се откаже, зошто ние овде да не можеме!? Трагедија, народ со интелектуална немоќ.

Професоре, па тогаш како ќе продолжиме, до кога ќе живееме со стравот од Ковид-19?

-Па ќе продолиме. Ние што имаме малку ум ќе се бориме против тие што немаат ум. Мора да се бориме и да се пазиме да не не фати болеста од нивниот ум. Ама тоа е нашата трагедија. Има кои оправаат кажуваат, укажуваат ама… Психичкиот профил на еден човек зависи кој е фундаментот на тој профил. Кој колку знае реално да размислува, тој ќе донесе соодветно решение како да го продолжиме животот. Со ова не плашам, не тешам. Ова е вистина. Во иднина мора да имаме т.н. кохабитација. Или соживот со вирусот. Тој нема да исчезне. Да не плашам ама мислам дека ќе трае не месеци, можеби година или две. Ние мора да ги спроведуваме превентивните мерки и да живееме. Јас каде зборувам и со кого зборам советувам- са бидеме разберани, да бидеме дисциплинирани и одговорни, бидејќи се работи за нас, за нас и само за нас.

Извор: Медицина и здрвје