Родилката која криела дека свекор ѝ е позитивен на коронавирус и отишла да се пораѓа на Клиниката за гинекологија, а која се претставила како лекарка, не е впишана во Регистарот на лекари, соопшти Лекарската комора.

– Во врска со случајот со пациентката која пред породувањето била високиризична за присуство на коронавирусот, а дала лажни податоци во епидемиолошката анкета извршена во ЈЗУ УГАК и ПЗУ Ремедика, Лекарската комора на РСМ на барање на ДЗСИ изврши проверка во Регистарот на лекари од причина што во моментот на престојот во двете здравствени установи пациентката се претставувала дека е лекар. Лекарската комора утврди дека пациентката не е впишана во Регистарот на лекари во РСМ и не поседува лиценца за работа, ниту пак била во постапка за стекнување со истата, односно во постапка за полагање на државен испит – соопштија од Лекарската комора.

Од таму велат дека немаат информации дали пациентката поседува диплома и се стекнала со звање доктор на медицина на некои од високообразовните институции во земјава или странство.

– Лекарската комора остро го осудува ваквото неодговорно однесување со кое пациентката ги загрозила здравствените работници, родилките и новороденчињата во двете здравствени установи, а однесувањето уште повеќе е неприфатливо доколку навистина се работи за медицинско лице, поради што апелираме до надлежните органи да продолжат со истрагата до целосно расчистување на случајот – се наведува во соопштението.

Во саботата на Клиниката за гинекологија била примена родилка, која се претставила како лекарка, без да каже дека нејзиниот свекор со кого живеат во иста куќа е позитивен на ковид-19. Таа била сместена со уште две родилки во болничката соба. Кога лекарите дознале дека во семејството има позитивен на вирусот, таа била префрлена во изолираниот дел, но не дозволила да ѝ се земе брис за тестирање. Таа самоволно ја напуштила Клиниката и заминала во приватната болница „Ремедика“ каде што се породила.

По случајот, три сестри на Клиниката и седум вработени во „Ремедика“ се во самоизолација. Жените кои биле во болничката соба со неа ќе бидат тестирани.