Американската Администриција за храна и лекови (ФДА) предложи нови мерки за борба против зголеменото конзумирање цигари од страна на средношколците и младите во САД.

Врз основа на резултати од анкета за бројот на пушачи меѓу младите, националниот Центар за контрола и првенеција на заболувања и ФДА објавија дека минатата година бројот на средношколци од повисоките класови, на возраст од 15 до 17 години, кои пушат електронски цигари се зголемил за 78 отсто, додека истовремено, бројот на учениците пушачи на возраст од 12 до 14 години се зголемил за 48 отсто.

Според истражувањето, вкупно 3,6 милиони ученици во САД пушат електронски цигари, што е за 1,5 милиони ученици повеќе во споредба со претходната година.

Во него се заклучува дека користењето на овој вид цигари на тинејџерка возраст води кон големи шанси за премин кон пушењето обични цигари во следните години.

Според ФДА, 54 отсто од пушачите на возраст од 12 до 17 години пушат цигари со вкус на ментол, додека тоа го прават само 30 отсто од пушачите постари од 35 години.

Земајќи ја предвид оваа статистика, која раководителот на ФДА Скот Готлиб ја нарече „шокантна“, Администрацијата има намера да ја забрза имплементацијата на мерки за ограничување на продажба на ароматизирани електронски цигари за малолетни лица, како во обичните продавници така и онлајн. Исто така, започнува и подготовки за целосна забрана на ментол и други ароматизатори во обичните цигари.

Покрај тоа, ФДА има намера да ги отстрани од продажба сите производи за пушење чија реклама ги прави привлечни за младите, на пример кога во нивните реклами се појавуваат ликови од популарните анимирани или детски филмови или популарни прехранбeни производи за деца како газирани пијалаци и бонбони.

Сите овие и други мерки за борба против зголеменото пушење кај младите во САД ќе се спроведуваат преку повеќестран План за превенција на пушењето.