Турција веќе не очекува ништо од Европската Унија, на чија врата чека 40 години, ние ги исполнивме сите ветувања што им ги дадовме, а тие не исполнија речиси ниту едно, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во говорот во Парламентот на Турција.

Тој додаде дека нема да толерира нови барања или услови во процесот на пристап.

– Ако не отстапат во врска со некои неправди, како што е воведувањето визи, кои ги користат како прикриени санкции, и ако не ги поправат своите грешки, од наша страна ќе го изгубат правото на изразување политички, социјални, економски и воени очекувања, рече Ердоган на инаугуративната седница на турскиот парламент, пренесува агенцијата Хина.

Доколку ЕУ има намера да го запре пристапниот процес, кој постои само на хартија, тоа ќе биде нивна одлука, додаде Ердоган.