Какво време дојде значи да не можеш едно летување со службено возило да сокриеш, а плус и не било летување па ете нели МВР ни кажа дека со возилото управувало овластено лице кое се извозило до грчкиот камп Евридики и се вратило назад.

Сте запнале со тоа каде е налогот…како каде е?! Сигурно е негде затурен во архивата на МВР, на толку работа и папирологија може лесно да се изгуби, ама сигурно ќе го најдат. Повеќе од јасно е дека патувањето било за службени потреби, не мора сè одма со скепса да се гледа и да се мрчи. Па нели знаете дека согласно новата историја повеќе од веројатно е дека гробот на Делчев е во Евридики, така да делегацијата на МВР на тој ден всушност отиде да се поклони и да му положи свежо цвеќе. Сте запнале за кесите од „Лидл“, а истрагата сигурно ќе покаже дека во нив имало малечки кандилца кои ги оставиле за да му светат на нашиот деец во неговото вечно почивалиште, како и некоја закуска за да му се фати „за душа“, не ништо скапо Бог да чува, само малку локум и вода. Само си земате грев на душа, јас да ви кажам.

И што ако патувањето на делегацијата на МВР го искористила Елена Велковска, ќерката на директорот на БЈБ Лазо Велковски за да ја пренесат до кампот со другарките?  Возилото секако веќе било упатено натаму, па зарем економски поисплатливо е полупразно да се вози?! Вака ем детето искористило превоз, ем џипот не возел полупразен, вин – вин ситуација.

Навистина е загрижувачка осудата на јавноста кога сведоци сме дека МВР навистина работи транспарентно и согласно закон. Па нели сите убиства се расветлени? Нели убијците на Јаушев и Саздо се изведени пред лицето на правдата? Никогаш немало сомнителна набавка на 40 возила Шкода Октавија во вредност од 1 милион евра, набавена преку локален дилер за автомобили – Де Лукс Куманово. Употреба на прекумерна сила на протести не им паѓа на памет, сега вработените во МВР се толку мирољубиви и неспретни што побрзо ќе се удрат и самоповредат од Пајак возило отколу да применат сила.

Затоа целата оваа малициозност насочена кон првиот човек на МВР е претерана, човекот дава сé од себе за граѓаните да се чувствуваат сигурно и безбедно, нема веќе МВРО – ВМРО токму затоа  се сруши и режим со пенкало.

 

М-р Мартина Антиќ