Во Франција, националниот празник Денот на падот на Бастилја утре ќе биде одбележан со традиционална воена парада на познатата авенија Шанзелизе во Париз.

– Никој не очекуваше дека војната ќе се врати на европско тло и затоа воената парада ќе биде во навистина сериозна атмосфера, објави францускиот ТВ канал TF1, додавајќи дека Франција се навикнала на мир од крајот на Втората светска војна како и фактот дека нуклеарното одвраќање спречува војна меѓу народите.

Министерството за одбрана ја објави деталната програма на воената парада. Претседателот на Франција – Емануел Макрон, како и обично, од 10:00 часот ќе претседава со церемониите во присуство на членови на владата и армијата.

Овогодинешниот слоган на парадата е „Споделување на пламенот“, а се очекува да учествуваат околу 6.400 луѓе кои ќе маршираат по авенијата Шанзелизе, од Триумфалната капија до плоштадот Конкорд.

Меѓу учесниците ќе има и припадници на армијата, морнарицата, воздухопловните сили, полицијата, жандармеријата, противпожарната служба, коњаницата, како и припадници на Легијата на странците, 65 авиони и 26 хеликоптери ќе го надлетуваат небото на Париз.

Предвидено е учество на бретонскиот музички ансамбл Bagad de Lann-Bihoue со 30 музичари кои свират на гајда, ударни и други необични инструменти. Тој ансамбл ја претставува француската морнарица на домашни и меѓународни настани.

Пешадискиот дел од парадата ќе им оддаде почит на нациите од Источна Европа, како и на членовите на различни воени училишта од цела Франција.

На крајот од парадата, Макрон ќе даде интервју за најголемите телевизии – TF1 и France 2 околу 13:30 часот. Неговото последно телевизиско обраќање беше на 22 јуни, по вториот круг од парламентарните избори на кои неговите центристи освоија најмногу гласови, но не и апсолутно мнозинство.

Во текот на вечерта планиран е огномет кај Алфеловата кула. Во многу градови во Франција ќе биде организиран огномет.