Музејот на Република Македонија на фејсбук страницата ги објави поставките од гласачките кутии кои се користеле за гласање во Македонија во периодот меѓу двете светски војни.
Тоа е период кога Македонија била во составот на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, а според информациите објавени од музејот, изборите се одвивале на прилично нерегуларен начин бидејќи се знаело кој за кого гласа.
Од Музејот на Република Македонија велат дека со појавата на локални и парламентарни избори на територија на Македонија, гласањето се одвивало слично на денешното, со гласачки кутии, но, далеку поразлично во однос на приватноста на гласањето.
Доколку имало тројца кандидати биле поставувани три гласачки кутии. На влез на гласачкото место и по прикажување на документ за идентификација, гласачот добивал едно железно топче. Гласачот морало да ја стисне раката со топчето и да ја протне во трите кутии. Во една кутија го пуштал топчето. На крај на гласањето требало да ја покаже раката празна. Со тоа завршувал процесот и гласачот заминувал.
Неправилностите на изборите не се современа појава. Уште тогаш биле поставувани луѓе, дури и под масите каде стоеле кутиите и нивна задача била да слушаат каде ќе тропне топчето. На тој начин знаеле кој за кого гласал. Заради тоа, топчињата биле заменети со гумени за да се намали звукот на паѓањето.