Бледите и стерилни прес конференции на Заев не може да ја покријат трагедијата што и се случува на Република Македонија изминатите 14-тина месеци, изјави Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ на денешната пресконференција.

Заев одлучи на сила да турка прашање кое е бесмислено и повеќезначно, само за да ја покрие капитулацијата во преговорите со Грција и прифаќањето на капитулантски договор со кој се исполнуваат грчките црвени линии и се прават отстапки какви што нема направено ниту еден политичар во историјата на Република Македонија, истакна Јанушев.

Тој рече дека доколку имаше трошка вистина во тоа што го говори и доколку беше убеден дека договорот со Грција го штити македонскиот идентитет, името, јазикот, историјата, националноста, традицијата и културата, Заев немаше да се обиде да ги манипулира граѓаните со непрецизно и двосмислено прашање кое што е спротивно на Законот за референдум и Уставот на Република Македонија. Доколку Заев беше убеден дека постигнал добар договор со Грција, тогаш само договорот ќе беше ставен во референдумското прашање и народот ќе го кажеше своето мислење за него.

Јанушев рече дека вистината е сосема спротивна, дека договорот со Грција е капитулантски и штетен и затоа Заев мора да го покрива со манипулации и да игра на картата на стремежот на граѓаните, а тоа е Република Македонија да биде дел од Европската Унија и НАТО.

Заев наликува на човек губитник кој сега се фаќа за последната сламка за да се спаси себе и кликата која ја насобра околу него. Граѓаните не сакаат и нема да дозволат олицетворение на вредностите кои ги претставуваат ЕУ и НАТО во земјава да бидат Заев, Вице, Кочо Анѓушев или Радмила Шекеринска, рече тој.

Јанушев на пресконференцијата сигурно изјави дека граѓаните ќе кажат не на штетните политики на Заев и му порача што побрзо да си замине од политиката за доброто на државата и на граѓаните.