Министрите за надворешни работи на Велика Британија и Франција, Дејвид Камерон и Кетрин Колона денеска истакнаа дека Лондон и Париз ќе ја поддржуваат Украина колку што е потребно.

„Лондон и Париз ќе го поддржуваат Киев се додека е потребно“, изјави британскиот министер Камерон.

„Велика Британија и Франција беа стабилни поддржувачи на Украина и ќе продолжат да бидат онолку долго колку што е потребно“, нагласи шефот на дипломатијата.

„Ако таа поддршка продолжи, не се сомневам дека Путин ќе изгуби, и од витално значење е тој да ја изгуби војната, додаде Камерон на прес-конференцијата по средбата во Париз со неговата француска колешка Кетрин Колона.

„Првиот чин беше зачудувачки неуспех на Русија да ги постигне своите цели. Вториот чин беше активниот отпор на Украинците кои ја оттурнаа Русија. И, се разбира, третиот чин е најтежок“, истакна Камерон.

Тој додаде дека четвртиот чин е пред пишување и, како што рече, „мораме да се погрижиме да биде напишан на вистински начин“.

Неговата колешка Колона изрази надеж дека таа соработка меѓу двете земји уште повеќе ќе зајакне.

„Нашите две земји, заедно од самиот почеток, работат за да се осигураат дека руската агресија нема да биде наградена“, рече Колона.

„Очигледно е загрозена судбината на Украина, но во прашање е и безбедноста на европскиот континент“, нагласи француската министерка за надворешни работи.

Во следните недели, Украина и Велика Британија се очекува да потпишат 10-годишен безбедносен договор според кој Лондон ќе ја искористи својата поморска експертиза за да и помогне на Украина да го контролира Црното Море, објави британскиот весник Телеграф.