Во Бундестагот, како неочекуван дел од преговорите за новата влада во Германија, беше распоредот за седење, се расправаше за барањето на Либералите (ФДП) да не седат со пратениците на десничарската Алтернатива за Германија (АфД), туку со пратениците на Христијанско-демократската партија (ЦДУ), објави Дојче Веле.
– Тоа не беше убаво искуство, рече либералниот пратеник Франк Зита, потсетувајќи на досегашното седење покрај гласните пратеници од АфД.
Тој потсети дека секогаш кога во Парламентот се зборуваше за бегалци или вакцинација, „колегите од десничарската АфД викаа и дофрлуваа ужасни работи“, но дека ова не е единствената причина зошто Либералите би сакале да се приближат до центарот.
– Ние од ФДП сметаме дека распределбата и позиционирањето на пратеничките места ја одразува класичната шема на политичката левица и десница, односно спектарот од неколку леви партии до многу конзервативни десничарски партии. Ние припаѓаме на партиите на центарот, Либералната, така што нашето место е повеќе во средината на Парламентот, рече Зита.
По изборите во септември, во новиот Бундестаг ќе има 735 пратеници, што е рекорден број.
Поради комплицираниот изборен систем, германскиот Парламент постојано расте, а по кинескиот Национален конгрес, тоа е најголемото собрание во светот.