Кинески град на руската граница понуди награда од 100.000 јуани (околу 13.500 евра) за информации за потеклото на локалната епидемија на коронавирусот.

Кина, каде коронавирусот првпат се појави пред речиси две години, во голема мера ја контролира инфекцијата со радикални мерки, како што се затворање на границите и вакцинирање.

Земјата се соочува со спорадични жаришта на зараза, особено на север и тоа од крајот на октомври.

Кинеските власти одлучно реагираат со цел да се запре ширењето на епидемијата во пресрет на Олимписките игри закажани за февруари.

Во тој контекст, градот Хеихе, одделен од Русија со реката Амур, објави „војна“ против вирусот, бидејќи во последните денови откри неколку десетици случаи на Ковид-19.

Властите на градот со 1,5 милиони жители се загрижени поради опасноста од зараза од Русија, прекуграничните шверцери, ловокрадците и рибарите.

– Со цел што побрзо да се открие изворот на инфекцијата и синџирот на пренос, потребно е да се води народна војна за контрола и спречување на епидемијата, изјавија локалните власти и понудија парична награда.