Кина денеска потврди дека за време на разговорите со највисоките трговски претставници на САД, бил извршен притисок за укинување на царините.
Вашингтон смета дека тие разговори се тест за билатералните односи меѓу двете најголеми економии во светот. Виртуелниот разговор помеѓу американската трговска претставничка Кетрин Таи и кинескиот вицепремиер Лиу Хеи следеше по објавувањето на Таи дека таа ќе инсистира на искрени разговори и ќе побара од Кина да се придржува кон обврските преземени во трговскиот договор „Фаза 1“ постигнат од поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
„Кинеската страна преговараше за укинување на тарифите и санкциите и ја појасни својата позиција за кинескиот модел на економски развој и индустриска политика“, јави Синхуа по вчерашните разговори.
Во соопштението на американското Министерство за финансии се наведува дека американската амбасадорка Таи и кинескиот вицепремиер Лиу го разгледале спроведувањето на американско-кинескиот економски и трговски договор и се согласиле двете страни да се консултираат за одредени отворени прашања во иднина.