Страшо АНГЕЛОВСКИ

Одамна пишувам и говорам дека во Македонија се одвиваат два паралелни процеси, процеси катастрофални по судбината и иднината на македонскиот народ и македонската држава. Процеси на заевизација и дуизација на секоја пора од македонското општество. Процеси кои преплетувајќи се и, хранејќи се еден со друг, создадоа монструм излезен од контрола кој го разјаде општеството и државата до ниво на неодржливост, до ниво на целосен распад.

Она што е заедничко за обата процеси е криминалот до ниво на неверојатност, корупцијата како движечка сила, глупоста како природна состојба на умот, примитивизмот до ниво на простотилак и, чувството на недодирливост и моќ колку кај сопружниците Чаушеску заедно.

И, беше повеќе од очекувано, овие процеси кои ги уништија речиси сите системи во државава, од безбедносниот, преку здравствениот, правосудниот, стопанскиот, производствениот, прехрамбениот, енергетскиот, дипломатскиот, образовниот… полека но сигурно, хранејќи се со квасецот на криминалот, корупцијата, глупоста, примитивизмот и поддршката од европската наддржава и надвлада од Брисел, како кисело тесто да нарасте до ниво на интраетнички и интеретнички политички апартхејд.

СЕГРЕГАЦИЈА И АПАРТХЕЈД – ЗНАЧЕЊЕ И СУШТИНА

За да едно општество влезе во системот на апартхејд, каков и да е, најпрво мора да се изврши сегрегација на дел од населението. Сегрегацијата подразбира издвојување и дискриминација на делови од населението од социјални, политички, религиозни, етнички, културолошки, или какви и да се причини. Згора на се’, за да заживее апартхејдот како владеење на малцинството врз мнозинството, сегрегацијата или издвојувањето мора да се однесува на мнозинскиот дел од населението. Или, едноставно речено, помалиот дел од општеството, спротивно на принципите на демократијата, со полициско-политички методи, го издвојува од политичкиот живот поголемиот дел, владее со него со методи на полициско и политичко насилство, со што врши негова целосна дискриминација и одлучува спротивно на интересите и пројавените ставови на вака обесправеното мнозинство. Во таков случај станува збор за политички апартхејд.

За жал, токму преку процесите на заевизација и дуизација, инсталирани и очувувани на власт од декадентната евроатлантска меѓународна заедница, заради нејзините антицивилизациски потреби за затвoрање на македонското прашање со бришење на македонскиот народ и македонската држава, веќе пет години во Република Македонија се врши сегрегација и дискриминација на мнозинскиот дел од македонскиот народ.

Имено, уште со насилното создавање парламентарно мнозинство пред пет години, се создаде сегрегација и издвојување на мнозинството од македонскиот народ, кој, иако најдемократски изгласа мнозинство од пратеници, не доби Влада според дадените гласови, туку според политички инжинеринг осмислен во евроатлантските амбасади во државава. Од тој момент, започнува дискриминацијата на тоа мнозинство од македонскиот народ, спротивно на чии политички определби и изборни изјаснувања се владее. Нешто што се докажа на референдумското изјаснување во 2018-та, кога токму волјата на мнозинството на македонскиот народ, јасно искажана со неговиот бојкот, беше брутално погазена со најсуровите методи на политички апартхејд. Со тоа, владеачката гарнитура го воведе принципот на интраетнички политички апартхејд, односно, владеење на малцинството спротивно на определбата на мнозинството внатре во политичкиот кампус на македонскиот народ. Или, едноставно речено, оној кој има далеку помала поддршка кај македонскиот народ, владее со поголемиот дел од народот спротивно на неговите интереси и желби, со што го дискриминира огромниот дел од сопствениот народ.

KОЛЕКТИВНИ ПРАВА ЗА ИНТЕРЕТНИЧКИ АПАРТХЕЈД

Но, сето ова би било неможно доколку дуизацијата на државава не успееше да воспостави и интеретнички политички апартхејд, т. е. доколку терористите од 2001-та не беа инсталирани во политичкиот живот на државава преку во евроатлантските амбасади формираната политичка партија и, доколку во 21-от век, век на индивидуални права и слободи, преку антицивилизацискиот Рамковен договор не се осуштествеа во македонскиот Устав механизми за обезбедување колективни права на само една етничка заедница. Па така, преку измислицата на Бадинтер, за која подоцна и самиот призна дека е штетна за демократијата во општеството, на малцинска етничка заедница и се овозможи целосна контрола, дури и диктат за сите одлуки и решенија за општеството, државата и, што е најстрашно и за интересите на мнозинскиот народ. Со тоа, се создадоа услови и за интеретнички апартхејд во Република Македонија. Или, едноставно речено, малцинска етничка заедница да наметнува политички решенија кои се однесуваат на мнозинскиот народ, со што ја оневозможува реализацијата на неговите интереси.

За жал, токму заедничкото делување на заевизмот и дуизмот, олицетворени во криминал, корупција, неспособност, примитивизам и гола желба за власт и богатење, овозможи целосна сегрегација и дискриминација на мнозинството од македонскиот народ и потпишување на договори со Атина и Софија уништувачки за неговото постоење.

Фрустрацијата кај мнозинството од македонскиот народ од чувството на живеење во апартхејд станува се поголема и се заканува со експлозија која може да разурне се’ во државава. Единствен излез се итни предвремени парламентарни избори после кои ќе се формира Влада согласно желбата и изразената волја на гласачите. Вештачкото одржување на апартхејдот на власт, ќе го интензивира “гледањето преку нишан“, што би рекол Пендаровски.

Полициско политичкиот апартхејд мора да биде поразен и уништен, неговите актери да го добијат заслуженото, а мнозинството, како израз на демократија, да завладее со државава. Само така постои каква таква можност да се спречи целосното уништување на македонскиот народ и македонската држава. Мала, но сепак можност која не смееме да ја пропуштиме.

(авторот е претседател на МААК)