Страшо АНГЕЛОВСКИ
За да ни биде јасна целта на посетата на претседателката на Европската комисија фон дер Лајен деновиве во Скопје, ќе ве навратам назад во 2004 година.
Тогаш, пред деветнаесет години, се очекуваше посетата на тогашниот претседател на Европската комисија, Романо Проди, за лично да го достави Прашалникот од ЕК, при што, како и денес, од тогашната Влада на СДСМ, даваа лажни надежи и се обидуваа да го измамат сопствениот народ. Па, велеа дека “македонската администрација е целосно подготвена да одговори компетентно и навремено на прашањата од Брисел. Покрај тоа, администрацијата е веќе и во фаза на подготовки за преговорите со Унијата за полноправно членство.“ И уште, “Убедени сме дека мислењето на Комисијата на крајот ќе биде позитивно за Македонија и дека во 2006 година ќе почнат преговорите со Унијата, односно ќе го стекнеме статусот земја-кандидат за влез во ЕУ“.
Нормално, кажано на конференција одржана токму заради измама на сопствените граѓани, а, наместо денешното “На европскиот пат“, со тогашното “Кон ЕУ заедно“.
“Вообичаено е Прашалникот да се дава во Брисел на амбасадорот на земјата аспирант или да се испраќа по пошта. Фактот што Проди лично доаѓа во Македонија да го предаде Прашалникот, значи дека тој и сите ние сметаме дека е направен напредок на еден процес почнат пред две години“, изјави уште еден измамник, тогашниот шеф на мисијата на ЕК во Македонија, Донато Кијарини. И, ќе додаде, “Претседателот на Европската комисија Романо Проди, денес ќе ги охрабри македонските власти да продолжат со неопходните реформи и со реализацијата на Охридскиот рамковен договор. Прашалникот е потсетник за напредокот на Македонија во процесот на европска интеграција, а во тој контекст, непрекинатата реализација на Рамковниот договор е клучен услов за натамошно унапредување на односите со ЕУ“.
Значи, европските измамници, уште во далечната 2004 година, како “клучен услов“ за “унапредување“ на односите со ЕУ, ја истакнаа “непрекинатата“ реализација на договорот со кој се воведе етнички апартхејд во Република Македонија и кој е “клучен услов“ за рекомпонирање на нејзината унитарност.
Следен чекор на европските измамници беше имплементирање на новиот уништувачки договор за Македонија, оној од Нивици. Договор со кој се брише идентитетот на македонскиот народ и вековното име на македонската држава. Па, повторно, пред одржувањето на референдумот се обидоа со лаги и измами да го натераат македонскиот народ да се самоукине.
Па, човекот обвинет за плагијат во неговата докторска дисертација, што ќе рече, човек без никаков кредибилитет, пред одржувањето на референдумот изјавуваше дека “ова е избор меѓу пат свртен кон иднината на ЕУ интеграцијата со конкретни бенефити за граѓаните како владеење на правото, атрактивност за странските инвеститори и подобри работни места или, пат свртен кон изолација, стагнација и пропуштање на единствена шанса за подобрување и напредок во клучните области“.
За да, веднаш после референдумот, откако ДИК објави дека “одлуката не е усвоена бидејќи не гласале повеќе од половината запишани во Избирачкиот список“, овој белосветски измамник, ќе изјави дека “сега, откако големо мнозинство на референдумот (оној неуспешниот) го поддржало договорот со Грција, на потег е Парламентот да ги донесе измените во Уставот“.
Лага до лага, измама до измама, за да се имплементира и вториот уништувачки договор за Македонија и македонскиот народ после Охридскиот, оној, Преспанскиот.
НОВИТЕ ИЗМАМНИЦИ ПОВТОРНО НА СЦЕНА
Деновиве, во посета на Македонија беше уште еден претставник на ЕУ, во 2015 година исто така обвинет за плагијат, односно за препишување на поголемиот дел од својот докторат, сегашната претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Уште и обвинета за коруптивна зделка при набавката на несразмерен број вакцини за Ковид за потребите на ЕУ, од фармацевтската куќа Фајзер. Жена, со навистина висок кредибилитет за лажни ветувања, притисоци и уцени.
И сега, на неколку месеци пред завршување на мандатот, во своето политичко портфолио, покрај обвинувањата за плагијат на докторската дисертација и обвинувањата за огромна корупција при набавката на вакцините, сака да запише и успешно бришење на постоењето на еден цел народ, заедно со неговиот “уникатен“ идентитет. Па, после отворената врата кон ЕУ, која широко ја отвори Јоханес Хан, фон дер Лајен ни го отвори и прозорецот, уште пошироко, само под услов да го отвориме уште еднаш Уставот и да го внесеме третиот уништувачки договор за Македонија и македонскиот народ, оној со официјална Софија, а диктиран од истите кои ја извршија поделбата на Македонија во Букурешт во 1913-та.
И бидејќи, за жал, не можат да смислат ништо попаметно, ги користат истите лажни ветувања од времето на Проди, од времето на Хан и Могерини. И истите закани за изолација, подзасилени со можното, отровно “Руско влијание“.
Ни ветуваат подобар живот, поуспешна економија, развој на индустријата, подобри работни места и повисоки плати. И којзнае уште што не, само да решиме еден “технички“ проблем со отворање на Уставот. Ни го ветуваат она што ним како песок им се лизга од раце. Ни ветуваат благосостојба која ниту за себе веќе не можат да ја обезбедат.
Имено, нивната благосостојба се градеше врз златото и рудните богатства од Африка, врз евтиниот руски гас и евтината арапска нафта. Така, со децении, врз маката на другите ја градеа сопствената благосостојба.
Денес, откако од Африка се протерани на клоци; откако слушајќи го американскиот налогодавец, ги прекинаа односите со Руската федерација и дотокот на евтин руски гас, со што сами, заради американски интереси, ја пресекоа гранката на која седат и; се’ потешкиот пристап до арапската нафта кој допрва ги очекува заради нивниот расистички однос кон случувањата во Газа и поддршката на ционистичкиот геноцид, не само што ќе се распадне привидот на благосостојба, туку, за жал, заради сопствените раководства, токму државите од ЕУ, полека но сигурно, стануваат економски и демографски мртовци.
Ете тие и таквите, со своите лажни и се’ понеостварливи ветувања, се обидуваат по трет пат, со трет уништувачки договор, да го измамат македонскиот народ целосно да се самоукине.
А, мудрите луѓе рекле – доколку дозволиш еднаш да бидеш измамен – си погрешил; доколку дозволиш втор пат да бидеш измамен – повторно си погрешил; но, доколку и трет пат дозволиш да бидеш измамен – ти си будала.
Јас искрено верувам во умот и мудроста на мојот народ.
(авторот е претседател на МААК)