Страшо АНГЕЛОВСКИ

Последниве недели сме сведоци на препелкањето на европските кореврократи (за оние што не знаат: корумпирани европски бирократи) во пепелта од големиот пламен, што со чкорчето кое американскиот претседател Џо Бајден им го испрати преку налудничавиот Борис Џонсон, самите го потпалија. Го потпалија, несвесни за последиците, но исклучително горди што беспоговорно му служат на американскиот господар и неговите ненаситни интереси.

Пред нешто повеќе од две години, следејќи ги наредбите на “големиот брат“ за “војна против Русија до последен Украинец“ го оневозможија, дури и забранија веќе постигнатиот договор за мирно решавање на кризата во Украина. Со тоа, ја поттикнаа специјалната воена операција во Украина, застанаа на страната на нацизмот и, започнаа, со сите сили, да ја сечат гранката на која седат нивните држави и нивните народи. Ќе ја парафразирам госпожа Аналена Бербок која изјави – “нашиот народ не се согласува со нашата политика, но ние ќе продолжиме со неа“.

И, додека тие, кореврократите, штедро наградени со десетици илјади евра месечно, удобно сместени во длабоките фотелји, целосно отуѓени од државите во кои се избрани и интересите на сопствениот народ кој ги избрал (друга е приказната дека се избрани со излезност од околу дваесеттина проценти, што ќе рече дека добиле не повеќе од десеттина проценти поддршка), со високо кренати раце гласаат за американските воено-индустриски интереси, нивните држави, полека но сигурно влегуваат во економска криза, а нивните народи се згрозуваат од воената психоза која им ја сервираат. Се згрозуваат од, според уругвајскиот писател Едуардо Хјуз Галеано, “воената економија и културата на војната“ во која се втурнати без своја волја.

ОД “ЗАПАДЕН БАЛКАН“ ДО УКРАИНА И МОЛДАВИЈА

За почеток, за некој врвен комедиограф, одлуката на Европската комисија дека Украина и Молдавија ги исполниле условите за старт на преговорите за членство во ЕУ, со тоа што “постигнале значителен напредок во борбата против корупцијата, ограничување на моќта и влијанието на олигарсите и заштита на правата на малцинствата“, би била исклучителна основа за урнебесна комедија со тажен крај.

Најверојатно тука, во исполнетите услови спаѓа и “очигледното“ немање спорови со соседите, што би било најсмешно ако не е крваво тажно;  тука спаѓа забраната за руското малцинство да го говори мајчиниот руски јазик; тука спаѓа изживувањето со православните свештеници во Киевско-печерската ларва; тука спаѓа поткупувањето на најниските службеници за да се избегне одењето во војска, преку поткупот да се замине од државата, па се до милионските имоти во најмонденските места ширум светот на највисоките функционери како врв на борбата против корупцијата…

Но, што можеше друго и да се очекува од луѓе од типот на госпожа Урсула фон дер Лајен, која, по примерот на несудениот нобеловец, го употреби “сидрото“ во своето движење напред, но и “соработката со проевропските и проукраинските партии“. Токму таквите недоносени ставови го доведуваат во прашање постоењето на ЕУ, која, наместо да се гради како значаен геополитички фактор со стратешки зацртани цели за наредните најмалку 50 години, се гради врз потребите на американската дневна политика – денес со проукраински, а можеби веќе утре, недајбоже со прогрузиски (доколку им успее грузискиот Мајдан), промолдавски, или не знам какви интереси.

За нас, пак, Македонците, кои веќе децении по ред сме подложени на сите можни притисоци, закани и уцени, на отстапки од животно значење, со промена на име и губење на идентитет, историја и јазик, ваквата одлука на Европската комисија, не само што не наликува на урнебесна комедија, туку претставува врв на цинизмот, лицемерието и двојните стандарди на отуѓените кореврократи. Но, што можеме да очекуваме од Европска комисија чиј претседател во два мандати бил, на пример, Валтер Холштајн, вечниот министер за правда и еден од најблиските соработници на Адолф Хитлер.

И, за да биде иронијата поголема, госпожата фон дер Лајен и сличните на неа, кои од ден на ден ги зголемуваат децибелите на своите воинствени извици, нудат се’ повеќе оружје за Украина, па и влез на НАТО трупи во оваа несреќна земја и, со тоа ја поттикнуваат крвавата разврска до можна нуклеарна катастрофа, ги обвинуваат партиите кои врз антивоена платформа и заложби за мир, освоија огромен дел од гласовите и направија значителен исчекор, за екстремизам и популизам.

Голема измама и лага, која скапо платените болшевичко едноумни (западнолиберални) медиуми ја превртуваат во “вистина“. Па така, после катастрофалниот пораз на највоинствениот од воинствените, Емануел Макрон, распуштањето на францускиот парламент и распишувањето предвремени избори, од ваквите едноумни медиуми ќе “разберете“ дека околу 260.000 француски левичари (од вкупно 67.000.000 жители) излегле на улиците во поддршка на левите партии кои се залагаат за војна, со што, според нив, “цела Франција“ покажала дека не се согласува со десничарските заложби за мир, за неиспраќање оружје и војници во Украина. Повторно, врв на болшевичко лицемерие и цинизам.

За да биде тажната судбина на ЕУ уште потажна, се погрижија несудените нобеловци Заев и Ципрас со некаква нивна колумна. Човекот за кого “Кирил и Методиј су много шетали“, па тој, трчајќи по љубовници на зелените пазарчиња, не успеал да ги најде за да го описменат, замислете, напишал колумна. Претажна е судбината на ЕУ и, секако осудена на пропаст, доколку недоописменети човечиња со “колумни“ треба да се јавуваат во одбрана на нејзините веќе видени “вредности“. О (не)писменех, мој Црноризецу Храбар…

Кога веќе го споменав уругвајскиот писател Галеано, кој велеше дека живееме во “амбалажа култура“, каде сандакот е поважен од покојникот, а фустанот и костумот од младоженците, некако во тој стил помина и мировниот самит за Украина, кој викендов се одржа во Швајцарија – фотографиите поважни од решенијата. Зашто решенија нема и не може да има на каков и да е самит на кој не учествуваат претседателите на САД, Русија и Кина.

Сосема за крај. Нешто надвор од темава, а можеби и не, но како порака до веќе посочената Аналена Бербок, нејзината “зелена“ партија и сите лажни либерални еко активисти. Според податоците на канцеларијата на Обединетите Нации, во околината на Газа има натрупано повеќе од 330.000 тони отпад. Наместо да поттикнувате војни и можни нуклеарни катастрофи, сторете барем нешто полезно во вашите неполезни животи.

(авторот е претседател на МААК)