Како што се наближува официјалниот старт на кампањата за референдум сé повеќе фрчат реклами од страна на членовите на Владата за придобивките од членувањето во ЕУ и НАТО, како ќе имаме подобри вакцини затоа што претходните биле брља, како јазикот ќе ни биде официјален во рамките на ЕУ, отворање на пазарот итн, итн.

Види мајката, да умрев денес немаше да знам дека уствари референдумот е за членување во овие два сојузи, јас па цело време сум била во заблуда дека референдумот е за промена на уставното име од Република Македонија во Репулика Северна Македонија.

Некако изгледа сум ги преспала официјалните покани, отпочнувањето и зваршувањето на преговорите со ЕУ, па мајку му стара очигледно долго време сум хибернирала…едно десет години отприлика или па имам некоја особено тешка форма на амнезија и не памтам ништо. Еве, последно нешто што памтам е дека Владата објави силен успех со постигнување на Договор за деценискиот спор со името со Грција, потпишувањто на истиот во Нивици и дека граѓаните требаше да одлучат дали се согласуваат или не со постигнатото решение, а со оглед на кампањата која што се тера ние сме ги исполниле сите критериуми за членство во ЕУ и НАТО.

Па добро ако е така, ако стварно одлучуваме за ЕУ и НАТО, а не за името тогаш веројатно живееме многу подобро бидејќи ако сме стигнале до последната фаза за влез во ЕУ сигурно државичево функционира како што треба. Владеењето на правото е подобрено и нема полициски и судски монтировки, има пристојни услови за работа и образование на младите, здравството ни е за неколку скалила на повисоко ниво, имаме намалена корупција и не се доделуваат тендери на сомнителни фирми регистрирани пред 7 дена, се води поголема грижа за животната средина, а и воздухот што го дишиме е почист.

Всушност за ова ми е најмногу криво, што сум го преспала напредокот, што сум го пропуштила моментот на станување на Македонија на една модерна европска земја, не е мала работа да се биде лидер во регионот и да се предничи во евроинтегративните процеси.

Само ве молам кажете ми под кое име одлучуваме за влез во НАТО И ЕУ, под Северна или?

М-р Мартина Антиќ