Ако нашиот Свет Водач денеска каже дека Питу Гули користел цијалис, и дека Илинденското востание е македонско, утре наместо за проекти, треба да губи време да му се извинува на бај Бојко. Или на Стојко, сеедно

Гледајте во нашата светла иднина и не обѕрнувајте се назад кон минатото и историјата. Тоа е, горе-долу, политичката филозофија на нашиот Свет Водач, кој во една прилика и самиот си призна дека коалицирањето со патриотизмот и македонштината, нему и на неговите следбеници, не им е силна страна.

Тој, Светиот Водач и наш избавител од македонската небиднина, исто така, сам за себе пророчки кажа дека Господ го црпнал од струмичките ниви за да не спаси. И, се уште, професори, шарени револуционери, конфекционерки, новинари, академици, пчелари, доктори, сточари, корисници на тендери и други аплаудирачи, се крстат во оваа  политичка икона. И веруваат во неговата религија: Господ го црпна, навистина го црпна! За да не избави од нечестивиот и од историјата. И да не воведе во светлата иднина, во НАТО и во ЕУ.

За чудо, и неговите богохулници, чиј број расте, исто така, веруваат дека тој е црпнат. Навистина е црпнат! Но, не од Божја сила, туку од овоземска. Велесила, ако веќе настојувате.

Сеедно, кој, како и зошто ја црпнал политичкава икона, поставена на олтарот за разнебитување на Македонија, треба малку повеќе внимание на политичката мудрост и филозофијата која ни ја проповеда. Тоа е всушност јадицата на која се ловат не само шарени апликанти на тендери и грантови, туку и обични смртници кои се „збогатија“ од укинатата радиодифузна такса и ја прифатија таа религија: Важна е иднината, баталете историја и минато!

Убаво звучи, нема дилема. Веднаш во нашите глави се прави слика за НАТО и ЕУ перспективи. Иднина со службен џип за секое дете, а не само за татини ќерки. Викендица за секој конфекционер. Плати од кои ќе ни се кинат џеповите од преоптоварување. И ќе ни досади да ги земаме секој месец, па ќе молиме да ни ги даваат барем на два месеца, ако не може на три…

Наспроти оваа светла иднина, навистина грдо изгледаат манлихерите од кои се гинело во минатото. Историјата станува грда како ишлакана фасада од шарени револуционери, а небитно станува и каде е закопан Гоце Делчев. Дали гробот му е во Скопје, во Горна Џумаја или пак во Муртино. Зашто со таква светла иднина, со џип за секоја шмизла, историјата станува сосема небитна.

А гробот не само на Гоце, туку и на сите, знајни и незнајни, е таму каде што иконава ќе кивне или ќе се поклони. Сите тие сами си се виновни што загинале пред време за Македонија оти биле кусогледи да проценат кој ќе биде црпнат од македонска нива, да им го покаже патот кон иднина без историја. Нивна вина е тоа што, наместо да си проживеат, залудно гинеле. На многу и гробот не им се знае, а во иднина ќе им се знае на сите до еден. На секого гробот ќе му биде таму каде што ќе се поклони Светиов Водач и ќе каже: Тука е!

Затоа нам, и само нам на Македонците, не ни треба историја и црешови топчиња… Нам ни треба само иднина, џип за секое дете. Да, токму џип, а не компјутер за секое дете, оти на компјутер може да сурфа и пак да заталка назад во историјата. Наместо со џип или четирицикл да шиба напред во иднина.

А историјата е небитна! Затоа од Александар Македонски до Солунските атентатори ете им ја на Грците. Нека кршат глава со Ципрас и со историја. Нам ни треба иднина и Свет Водач, нам не ни треба историјата. Ни за Кукуш, ниту за Постол, ни за Солун…

Што корист Македонците ќе имаме во иднина и од Илинден? Од историја нема викендица за секој земјоделец, ниту тендер за секоја шуша. Па, ете им ја од 1944-та на Бугарите. Нека е нивна сосе Илинден. Ние сме за ЕУ и НАТО, ние сме за иднина и за грант за секој простосмртник, а не за историја. Бугарите нека се мачат да откриваат дали Македонците користеле бугарска вијагра за да го дигнат Илинденското востание.

Ако, пак, нашиот Свет Водач каже дека Питу Гули користел цијалис, и дека Илинденското востание е македонско, утре треба да губи време да му се извинува на бај Бојко. Или на Стојко, сеедно. А тоа време е драгоцено и треба да го арчи само за нашата иднина. И за наше богатење. Со уште некој проект за Нобелова награда, како оној со радиодифузната…

Најлесен ќе биде аутлетот, што би рекле учените, со историјата од АСНОМ до пукањето на првата бомба заевка во Македонија. Албанците се тука, нека решат сами од кога до кога бил геноцидот. Битна е нашата иднина, а не историјата. Тие, баш би било симпатично, пронатовски и проевропски, да го обвинат и Груевски дека бил вршен геноцид врз Али и во времето додека тој беше во владата на режимот… А нашава икона, како што му доликува, со насмев да го аминува и тоа.

Но, тој е патот до иднината без историја. Во рајот каде НАТО ќе не брани, а ЕУ ќе не храни. Со џип за секоја битолска пуфла, а не само за скопските шмизли. Тоа е трасата по која не води Слепиот, простете, Светиот Водач, кој на тацна ни нуди иднина за да го заборавиме минатото.

И токму затоа нека се јадат од мака Бугарите и Грците. Тие така си избраа. Сакаат историја, ете им ја! Ние сакаме иднина и одиме во НАТО и во ЕУ. Никој не им е крив што ги избрале нивните антиевропски и антинатовски Ципрас и Борисов. Наместо и тие да си црпнат мудрост. Како нашата. Тоа им е за казна на Грците и на Бугарите поради тоа што не се откажуваат од историја. Дури ни од нашата. Ама кој им е крив што Борисов и Ципрас ич не мислат на иднината на своите народи.

Ете токму затоа Бугарија и Грција никогаш нема да влезат во НАТО и во ЕУ!

Димитар Грумар