Дарко Јаневски

Таман помислив дека вчера-завчера сме го достигнале дното со Никола Димитров, кога ете го Стево Сидро во својство на президент (така е по бугарски, нели?) да ме демантира. Не можело подолу? Можело, можело. И да ни плесне в лице дека Гоце бил Бугарин. Што според него било „неспорна историска вистина“. И згора на тоа, согласно неговата позната селска ароганција, Стево Сидро да ни каже и дека таа „неспорна историска вистина“ била позната „за сите што имаат малку познавање од тој историски период“. Демек, ако мислите дека Гоце не е Бугарин, туку Македонец, тогаш немате ни малку познавања од тој историски период. Ве дисквалификува во старт. И тоа, ни помалку, ни повеќе, туку типот кој во дуелите со Силјановска паѓаше на стручност уште во 30-тата секунда. И тоа во неговата област. Во која е професор (што само по себе ве тера да викнете „зини земјо, голтни ме“, но…)! Замислете тогаш какви му се познавањата во оваа област која не му е специјалност, а во која веднаш ве дисквалификува. Ама ајде…! Но, ако му кажете, тогаш следи тоа што бедните пропагандисти го научиле да каже: „Ама ти си против ЕУ!“ Навистина?

И, ете, така, дојдовме до тоа дека за оние што немаат ни малку познавање од тој историски период, тука е Стево да ги просветли. Што му доаѓа нешто како Стево Исус. И сега, одново мора да се објаснуваме. Овој пат за Гоце и за неспорните историски вистини. Од што, рака на срце, човек овие денови нема време кога ни правосмукалка да вклучи. Не пак прозори со весници да избрише, оти тие за друго и не служат.

Но, за неспорната историска вистина, една и единствена, беше муабетот. И за Стево Исус кој „имал интензивна комуникација со луѓе кои се разбирале во таа работа“, па така утврдил дека Гоце бил Бугарин. Ама се борел за Македонија. Браво Стево!

Што само по себе е интересно. Арно ама, тие што се разбирале во таа работа (а тука сега спаѓаат и нашиот просветлувач и неговиот шеф од Муртино, познат нашироко по интелигенцијата, кој ни порача дека требало заедно да зрееме со Бугарите, наместо сами како што побара Бојко), можеби така просветлени не чуле и дека во „неспорните историски вистини“ секогаш може да има и нешто „спорно“. Што ги прави посебно интересни, бидејќи ем се неспорни, ем се спорни, ама Цуцуловски тоа веројатно подобро би го објаснил од мене. Јас ќе се задржам на следното:

Така, на пример, неспорна историска вистина е дека според Евангелието по Матеј, кој не е Матеј бидејќи никој не знае кој е, татко на таткото на Исус, Јосиф, е Јаков. Значи, Јаков е татко на Јосиф, а Јосиф е татко на Исус.

Но, според Лука, кој пак, можеби е Лука, а можеби и не е, бидејќи никој не знае кој е, Јосиф е син Илиев. Односно Илија е татко на Јосиф, а Јосиф е татко на Исус. Тоа отприлика значи дека, според логиката на Сидро, неспорна историска вистина е дека Јосиф имал двајца татковци – Јаков и Илија. Така пишува. Како и за Гоце дека е Бугарин. Како е можно тоа? Не знам, ете Стево Сидро и неговите гавази со кои имал интезивна комуникација, можеби ќе ни кажат нешто и за оваа „неспорна историска вистина“. Која е двојна. И, за која, да нема забуни, постојат пишани документи. Црно, на бело. Додуше тие се од вториот, а не од првиот век, но евангелијата ги има барем во 5000 копирани примероци. Рачно пишувани. Но, останува – еден човек, две вистини. Како и за Гоце. Ама Стево не стигнал до таму. Тој е уште кај првата. Како и викаше оној бугарски војник од еден наш стар филм на жената која се породуваше?: „Раждај жено, раждај!“. Ние би рекле: Зреј, Стево, зреј!“ Земи ги со тебе на зреење и Заев, Прада, оние осумте предавници, Љупчо… Ух ух, долг би бил списокот.

Или, неспорна историска вистина е дека по раѓањето на бебето, Јосиф со Марија и Исус избегал во Египет. Така вели Матеј, кој не е Матеј. Неспорна историска вистина пак, според Лука, кој можеби е Лука, а можеби и не е, е дека Јосиф со Марија и Исус не избегале од Ирод во Египет, туку од Витлеем дошле во Ерусалим и потоа се населиле во Назарет. Како е можно тоа? Ем во Египет, ем во Ерусалим. Мислам, Исус правел чуда, ама тогаш бил уште бебе. И пак, како е можно тоа? Не знам! Можеби знаат Стево просветлувачот и неговите „интензивни комуникатори“.

Неспорна историска вистина е дека според Марко, Исус молчи додека оди кон Голгота, а според Лука им вели на жените кои плачат крај патот, да не плачат за него, туку за своите ќерки. Па сега, зборувал Исус на патот кон распнувањето или не? А, Стево, што вели Вашата президентска светлост? Две вистини. Зборувал со двајцата разбојниците распнати на крст лево и десно од него или не? Рекол „Татко прости им, не знаат што прават“, или не? Тоа во три евангелија го нема. Ама има дузина научници кои тврдат дека и во она едно во кое тие зборови на Исус ги има, се дополнително вметанти, бидејќи во најстарите копии на тоа евангелија (по Лука кој…) ги нема. А, нема белким сега еден президент да ја побива Библијата со неколку „неспорни историски вистини“, иако се сомневам дека разбира нешто од неа за да може такво нешто да си дозволи.

Но, може да ја оставиме антиката настрана, зашто таа кај нас е забранета. Не би сакал поради навраќањето кон нејзе, шарените куртони пак да офарбаат нешто (не знам како на Грујо не му текна во рамки на Скопје 2014 со пари на оној што сега како попче си платил рекет, да постави статуа на Исус, на пример, на врвот на Триумфалната капија). Можеме веднаш да скокнеме многу векови подоцна. Па да видиме дека неспорна вистина е дека Јане се борел за Македонија, но и дека оној момент, кога се здружил со Младотурците, всушност се борел против Македонија. Како е можно тоа? Две неспорни вистини? Можно е!

Неспорна вистина е дека Крсте Мисирков е Македонец („За македонцките работи“) и тоа не во географска, туку во национална смисла, но неспорна вистина е и дека истиот тој Мисирков во 1914 година бара од рускиот министер враќање на Санстефанска Бугарија. Не знам дали се сеќавате каква хистерија, беснило, лудило, шизофренија ги фати оние од таборот на Велија, и не само нив, кога своевремено Зоран Тодоровски го промовираше „Дневникот“ на Мисирков во кој, тој се потпишувал како македонски Бугарин. А денес кога Стево Сидро го прогласува Гоце за Бугарин, молчат како… ај не е битно што. Но, за двете вистини за Мисирков зборував.

Неспорна историска вистина е и дека Лазо Колишевски и Киро Глигоров биле Срби, па Бугари, ама имаат документ и дека се Македонци. Коа е можно тоа? Три документи, три неспорни историски вистини. Можно е да има и четврта, ако не кај Лазо, тогаш веројатно кај Киро, од која произлегува дека тој се попишал и како Југословен. Во времето кога му ги вртеше страниците на Тито. Четири вистини? Еден човек? А, Сидро? Просветли не, заедно со твоите гавази, те молам, наспроти твојата една единствена „неспорна историска вистина“ за Гоце.

И не се само Киро и Лазо. Има еден господин од гевгелиско, обичен граѓанин на оваа држава, починат некаде пред 19 години, кого по 6 април 1941 година го регрутирала војската на кралска Југославија. Го пратиле, како Србин, на тромеѓето меѓу Југославија, Бугарија и Грција, да ја брани државата со четата со која командувал. Многу години подоцна раскажуваше:

„Одеднаш видовме како од полето доле се крева прашина. И слушнавме звук што татни. Потоа ги здогледавме германските тенкови. И војската. Кога видовме каква сила ни се приближува, едноставно ги фрливме пушките и се разбегавме.“

Сепак, подоцна бил уапсен и испратен во логор во Бугарија. Таму, нашиов Србин бргу би запишан како Бугарин во логорската книга и, се разбира, по тој основ ослободен. Истиот тој господин за себе велеше дека е Македонец. Така и ги воспитуваше децата. За разлика од оние што се чувствуваа како Бугари и кои своите деца ги воспитуваа како Бугари. Но, сакал тој господин или не, за него како и за илјадници други Македонци, како и за Киро и Лазо, има најмалку три историски вистини. Или, се сеќавате на оној страдалник, Петко Лисковски, чија служба во турска, бугарска и српска војска ја откри Жанета Здравковска. Ене ви го гробот во Битола, со надгробната плоча. Одете прашајте го човекот за вашата една и единствена „неспорна историска вистина“.

Ха, да не ја заборавам ниту „Ветераните на Илинден“ од Кочо Топузовски со близу 400-тини страници од кои преку 70 страници се документи и фотографии за илинденците кои барале пензија од федерална Македонија. Сите тие имаат документ дека биле Бугари и сите тие имаат „неспорна историска вистина“ над која самите, без принуда, се потпишале, дека се етнички Македонци. Во меѓувреме, многу од нив имаат и српска вистина. Лазар Светиев од Битола, Мара Ристоска од с. Глобочица, Ристе Петроски од Крушево, Петра Парески од Крушево, Петре Николоски од Журче, Демир Хисар, Ѓорги Николоски од Крушево, Наум Нешковски од Крушево, Васил Мицески од село Св. Тодоре, битолско, Стефана Крстески од Прибилци, Демир Хисар, Ваца Ајтова од Радовиш…. и вака можам до утре да го цитирам Топузовски, за стотици и стотици илинденци со по две-три-четири историски вистини. Ама, пак да повторам, Стево стигнал само до една.

А, всушност, проблемот е многу едноставен. Ниту еден историски факт не постои сам за себе. Тој има корелација со другите факти, со тие од истото време, со тие пред него и со тие после него, патем и со околностите во кои настанал и поради кои е таков. Тоа што Кутузов ја предал Москва на Наполеон, што е факт, не значи истовремено и дека е кукавица и предавник. Тоа што Тито го урнал мостот на Неретва, па потоа изградил нов, според една вистина која ја учевме беше генијалец, а според вистината на сведокот Коча Поповиќ, генерал и учесник во тие настани, само очајник кој прво презел еден потег (го урнал мостот), а кога видел дека згрешил, презел друг потег (изградил понтонски мост). И на крај, имал среќа, од сето тоа да испадне некаков трик со кој ги спасил ранетите.

Така е и со „неспорните историски вистини“ за Крсте Мисирков од 1914 година кој сметал дека дури и Санстефанска Бугарија е подобра опција за Македонија од нејзиното распарчување, така е и со неспорните историски вистини за Даме Груев (неговото писмо од есента 1903 година до бугарската Влада во кое бара интервенција во Македонија за да не се сотре „бугарскиот корен“), итн. Се има свој контекст, Стево Сидро, а така е и со твојата неспорна историска вистина за Гоце. И ако таа вистина можеш да ја ставиш во вистинскиот контекст, во ред (патем Бугарите нека ја ставаат во свој, кому му е гајле за тоа), а ако не си способен за тоа, тогаш, прости, ама ај шетај малку и не се мешај во работи за кои немаш врска. Зашто знаеш што би рекол Гоце денес за тебе и таквите како тебе? Всушност, подобро и да не знаеш… А и петок е. Човек може да си најде и попаметни работи од тоа да ти објаснува нешто што и онака за тебе е необјасниво.

А, патем, додека се занимаваме со ова, во мир, без никаква врева минува работата на Комисијата со Грција и бришењето на улогата на Грција во Балканските војни и во Граѓанската војна. Фино! Што мислите, зошто Бугарите имаат потреба така нападно да даваат изјави изминатиов период?