Илија Мајсторов

Гсподине Бујар Османи, доста со манипулации со најбитните атрибути за државотворноста на една нација, со огромно значење во животот на секој обичен човек. Сме ги поминале тие патишта, не ни се непознати, дури и да сакаме враќање назад, не ќе можеме. А не служат и сеќавањата…

…Ден, недела. Благословен од Господ за одмор, за починка од седмичното разодување низ градските турканици, низ трговските центри, односно низ сите секојдневни патешествија и метеж што можат да ни се случат и на ова наше парче преостаната земја, (само 49% територија од последните делби и историската „правда“.) Кога ке се присетам на годините наназад, толку многу се собира набој низ седмичните активности, та неделниот ден одвај сме си го чекале за да здивнеме. А и денес, како некогаш, задоволство и привилегија е на овој ден – недела да се прибереш заедно со семејството…

…Е, на такво неделно утро, битпазарско и шетачко низ познатите калдрмисани сокаци на левата страна на Вардар, (некои ја нарекуваат азискиот дел на Скопје), многу одамна, случајно се стрефив со мојот долгогодишен пријател Јусуф. Чекор – два со него, толку и ни требаше, со својот препознатлив баритон, да предложи:

– Од нога муабет? Ајде да си седнеме на старото место, во чајџилницана?

И како што бидувало и другипати, си седнавме во нашето ќоше. Тој го повика момчето што носи чај да нѐ послужи и нас. Му се обрати со Бујарчо, така ми се чини!? Да, да, токму така ќе да беше. За кратко време детево ни донесе два чаја.

Со чај ни почнуваа бескрајните муабети: од цара до… говедара! И уште понатаму.

…Ми беше мило, кога со истиот пријател, со Јусуфа, по мнооогу години, пак се сретнавме во „атарот“ на Државната болница, пред Министерството за здравство.

Пријателов, покажувајќи со рака кон објектот на Министерството, ме потсети дека оној млад човек, пред влезот, е некогашното, фино и културно момче Бујар или Бујарчо, (некои му се обраќаа со Буки), од нашата чајџилница и, умното, стигнало далеку, дури до Министерствово, на оваа кутра и напатена, но сѐ уште длабоко заспана земјичка која ние, каква-таква, многу си ја сакаме.

Со подадена рака кон „белиот објект“, со нескриено задоволство на лицето, мојот драг и вечен пријател Јусуф, забележа:

– Патот до министер за здравство на една држава што те исшколувала не е лесен и едноставен. Гледаш до каде стаса нашиот Буки?

– Не е! – му потврдувам. – Кој вели дека е? Браво за Буки!

Најнапред „дечкото“, совладувајќи ја азбуката минувал низ ниските одделенија, учел уште од основно дури и на македонски јазик, (колку убаво го говори оној што не ни го признаваат и ни го дијалектизираат драгите ни комшии), поминувал и низ средношколското образование и дошол до тешко остварлива факултетска диплома од медицински науки во оваа обезимена земја. Следувала и едукација, стажирање, непроспиени дежурства, сѐ додека да се стигне до специјализација на Медицинскиот факултет и да се биде угледен и почитуван поединец на Абдоминална хирургија. Настрана од можноста да станеш функционер и, за волја на вистината, да можеш да си одбереш од граѓанството благодарни пациенти- паталци поради својата добро, но и чесно завршена работа!

Сепак, морам да подвлечам, покрај стручноста неопходно е, за силна позиција во општеството и политичка подобност, (треба да станеш и партиски послушник), со сите (не)згодии, што ги носи, сето тоа. Овој господин има неспорен квалитет преку образовен процес да стане личност за почит и да стигне до министер за здравство на неговата, (барем кон него!) несебична Република Македонија.

И тоа не е сѐ. Го достигнал она што не им успеало на многумина пред него, (а и по него) на овие простори од оваа „добра земја за добри момчиња како него“,

вицепремиер во една балканска држава каква што е нивнава обезимена, (читај и неговава), со полна уста нарекувана „Северџанија“. И што се случува? Кога објективноста ти бега од рака, а облаците ти се на дофат? Со неговата партија ДУИ, безбеден си е на власт речиси 20 години, а партијата од воена униформа преоблечена, се тропна на политичката сцена наместо по зандани по мноштво крвави и (не)пресметливи разврски на неговиот сегашен шеф и клапата околу него.

– Оди, бе, бегај! – ќе се огласат и многумина што не заборавиле.

Повели со таква постапка, г. Бујар Османи, доктрое, министре, (вице)премиеру, кај обожавателите од САД и поздрави ги од Македонците преку екс-амбасадорот во Македонија Џес Бејли, за да (си) го видиш Господ како се моли со зборовите:

– Пооо 100 години затвор, чедотооо божјооо, да ми се врати живо и здравооо…. Нејсе. (Ако, на убавите спомени од школувањето топли се, греј се!) Приказната во која „јунак“ е Бујар Османи, подржуван од политичката елита во партијата, со помисла дека е вечен властодржец, му дава виза на прехходниот реиз на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи, оној што го „обожава“ дивото македонско племе. Оној кој се засили и (ин)директно, се случи принудно одобрение дека пандемијата е победена и мртва. И, ете, ја короната на врата, повампирена. (Господе, какви чудни одстапки на една разнишана Влада!?)

А што да се говори за проклетите познати „Договори“ во и со сличен и познат стил: „Сѐ договориле и сѐ ќе спроведеле!“ Што ќе спроведат и што можат да спроведат кутрите!? Зарем амин на црнилата од грчката хегемонија која е незамислива за 20-от, а не, пак, кога сме длабоко навлезени за 21-от век?! А што за некогашниот фашистички траор од соседот Бугарија, кого што се обидуваат да го посадат со цвеќе на мирот? Арно ама цвеќето, како кревка билка, си бара плодна почва.

Предлогот за прв човек – Албанец на Владата на вашата Северна, а нашата Република Македонија, Вие Бујар Османи, толку инспиративно и со занес го протежирате со што го разбуричкавте и без тоа претходно насобраниот гнев кај мнозинството во Македонија. Ве заболе вас националното битие на Македонецот, она што тешко го погодува и сето граѓанско мнозинство кај нас.

Неосновано ги контролира(в)те институциите за двојазичност, која, патем, заедно со Законот за јазици не е само рак-рана, туку и корона-вирус во општеството. Разнебитувањето на македонството од внатре, море со подмолни странични и (не)очекувани удари врз законска, повикувајќи се на универзално прифатена правна рамка како дел од конвенцијата на Обединетите нации, под поимот народ, територија – држава. Имајте малку ИСАВ, Бујар Османи!?

Око не ви трепнува за знамињата што се веат на ветрот на дел од македонската земја (во западна Македонија, од вашата Северна) и дали помислувате какво е чувството на Македонецот да живееш во сопствена држава како граѓанин од втор ред, а со туѓо знаме над глава?! Владеејќи и во времето на „хунтата на Груевски“, (како што милуваат да се изјаснуваат властодршците), подмолно го подржувавте бербатењето на институциите и националните спомен-обележја на кои се исчеша „славната“ и „прогресивна“ „шарена“, со безброј ваши шари и ујдурми, во стилот „држ’ го арамијата!“ (Читај: „Кооој…. јасссс… Нема врска!)

А и телефонските бомби, дебело се скриени или, пак, оние што избегале од контрола се вешто сотрени. Како оние, ако, ако… на Ел Чека, кој покажа дури од Њујорк дека нема милост и не му се чека, но, нека, нека.. ништо не останало тајна и кога-тогаш ќе излезе на бело-видело. Ќе го видиме подоцна можеби и планот Б кој, пред години протече од „пријателска амбасада“ за сѐ уште некои незавршени распарчувања до конечно уништување. А дотогаш ќе претходат уште посилни уцени и ултиматуми. Па…паа.. паааа… Сус, ИСАВ, бре!?

Господине Османи, сакале или не, како човек, веќе ја изгубивте кредибилноста кај сиот македонски електорат и сте дел од предходните, но и од новите црнила, кои, на наша несреќа, сѐ уште не се преживеани и надживеани, печат, мнооогу печат во душата во овие никакви три-четири години за Македонија и за Македонците. А владејачкава ни „мила гарнитура“, (на која што и Вие ѝ припаѓате г. Османи), сѐ уште, сѐ што имаме, на реверс, од А до Ш, нуди на јавна распродажба. Од ден на ден продолжува тоа да го прави со матни зделки и се засилува континуирано, влече чудни и нејасни потези, безброј манипулации за најбитните државотворни атрибути за една нација, со огромно значење за животот на секој обичен човек.

Ве прашувам, каков (со)живот ни нудите!? Браво, алал да ви е! Нѐ обезличувате со наши отстапки и непринципиелност, (вице)премиеру, Бујар Османи! Ами чаре, ами иљач, докторе?!

(Авторот е дипломиран економист)