Фијаското наречено СЈО ја достигна можеби својата кулминација со повлавата која им ги однела доказните документи од предметите Империја, Шпион и Триста. Кој малер ги спотера Чарлиевите ангели во време кога на големо се формираат работни групи на кои ќе се дебатира за нивниот опстанок и можна трансформација на специјалките во рамките на ОЈО. Можеби да избираа поинвентивни имиња на предметите немаше да се урочат па навистина да им се случи Титаник и во преносна и во вистинска смисла на зборот.

Таман им тргна после бегството на Греувски, Врховниот суд ги погреба, ги зафати поплава, им ги деактивираат бомбите, уште да се опожарат фали и слободно можеме да прогласиме дека СЈО е погодено од  елементарна непогода од трет степен какви што се впрочем и тие во нивното делување изминативе три години особено за буџетот на Република Македонија.

Што би рекол премиерот Заев, традиционално е што институцијата којашто требаше да биде императив за борба против организираниот криминал всушност е циркус кој овие три години не чини околу 16 милиони евра.  Потрошија брдо народни пари а испорачаа резулати пропорционално еднакви на успехот на главната обвинителка и уште па наместо некој да сноси одговорност за нивното (не)делување ние размислуваме како да ги инкорпорираме во системот и да се доудавиме во поплавата од неспособност која не навјасала изминатиот период.

Традиционална поплава ги има зафатено сите институции во државава, неспособноста стана правило во извршувањето на највисоките државни функции. Нема ден, нема настан да не помине без некој гаф од помали или поголеми размери, без разлика дали станува збор за згрешено знаме, црвен тепих во нива, барање на Груевски по гепеци или пак прогласување на холокаустот за традиција на Евреите. Монти Пајтон можат комотно да ни позавидат на хуморот и сатирата кои ги живееме секој ден со оваа власт, а ние очигледно сме чудо од народ кога сите овие небулози не успеаја да ни го скршат духот на итар Пејо па досетливо се забавуваме на своја мака на социјалните мрежи.

Смеејќи се сè доведовме во ситуација 85% од граѓаните да сакаат да ја напуштат државата и да одат да живеат поозбилен живот во други земји. За плачење е што претседателскиот кандидат Пендаровски прашува повратник од Австралија „што си се вратил??!“. Ако за Стевчо со сите благодети кои ги ужива возејќи се со југото со мала потрошувачка е мачен животот овде и мисли дека е подобро да се остане некаде надвор од родната земја тогаш што да кажеме ние останатите смртници?!

Е па ако беше за атер доста беше, дајте малку да се воозбилиме и да ги испратиме „комичариве“ што не забавуваат во заборав, премногу ги плаќаме за трагикомедијата којашто секојдневно ја живееме, еве да почнеме со Стево па после ќе оди полесно.

Мартина Антиќ