Повик за протест објави навивачката група Комити на официјалната фејсбук страница. Причината за протестот е најавениот меѓународен договор кој вчера го најави премиерот Зоран Заев, со кој се предвидува промена на Уставот и уставното име на Република Македонија.

-Почитувани граѓани на Република Македонија, во овие тешки моменти за нашата татковина Македонија, која е жестоко нападната од внатрешни квинслизни и странски агресори, кои со сила и геноцидни методи сакаат да ни го сменат идентитетот, нацијата, јазикот, историјата, Ве повикуваме да ги оставите вашите клубски обележја, партиските книшки, меѓусебните проблеми и разликите помеѓу Вас. Ве повикува вашата Македонија да ја одбраните. Соберете ги вашите родители, браќа, сестри, роднини, пријатели. Дојдете денес пред Собранието на Република Македонија – да покажеме дека идеалот за слобода се уште живее во нашите срца, стои во повикот на навивачката група Комити.

Апел за протест пред Собранието на Република Македонија испратија и навивачите од Тетово познати како Војводи.

-Сквернавењето што и се случува на нашата земја е нешто непростливо и ние кои го носиме светото име Војводи не можеме да стоиме на страна и да молчиме. Нашите предци ни оставија аманет да ја чуваме и браниме Македонија кога е во опасност. Поради сето ова Ве повикуваме за поддршка за зачувувањето на суверенитетот, идентитетот и целокупноста на Македонија, со нејзиното свето име, јазик и култура, апелираат тетовските Војводи.

Тие повикуваат сите да застанат рамо до рамо без разлика на партиска припадност и предупредуваат дека нема да има мир во оваа држава доколку пробаат да го уништат, како што велат тие, светото име Македонија.

-Ние сме од гордо, македонско Тетово и нема да замижиме на оваа бесрамна распродажба на огништата на нашите предци, на земјата во која почиваат нашите јунаци и бранители, додаваат во апелот членовите на Војводи од Тетово.

Почетокот на протестот е најавен на 13 јуни во 20 часот пред Собранието на Република Македонија.