Министерството за здравство регистрира 142 нови случаи на заболени од Ковид-19 и пет починати пациенти. Најмладиот од починатите е на 46-годишна возраст од Македонски Брод. Според денеска објавените податоци, оздравени се 98 пациенти.

Останатите починати се на возраст од 58 години од Штип, 69 години од Гостивар и двајца се на возраст од 84 години. Од нив, едниот е од Прилеп, а другиот од Охрид.

Најголем број од новите случаи, односно 37 се во Скопје, а двоцифрена бројка на новозаболени има и во Куманово – 18 и во Тетово -13. Во останатите градови во изминатите 24 часа регистриран е едноцифрен број на новозаболени.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава изнесува 15.555,  бројката на оздравени пациенти е 12.994, а на починати 642.

Во моментот,  бројот на активни случаи во земјата изнесува 1.919. Скопје има најголем број на активни случаи, а од скопските општини на прво место е Аеродром со 94 случаи, Гази Баба и Карпош имаат по 71 случај, Центар 68, а во Чаир има 55 активни случаи.

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 7 пациенти.  Вкупно се хоспитализирани 86 пациенти. На кислородна поддршка се 39 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.

Во болницата во Козле хоспитализирани  се  4 деца и 4  мајки позитивни на ковид-19, 1 дете и 1 мајка суспектни на вирусот.

Во ГОБ „8 Септември“ примени се 3, а вкупно хоспитализирани се 31 пациент. На респираторна машина се 4 пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 11, а во болницата во Штип 55 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 136, позитивни и сомнителни на ковид-19.