Бројот на новозаболени од Ковид-19 во државата е во благо опаѓање. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 62 случаја, од 2.557 тестирања. Во меѓувреме, продолжува процесот на имунизацијата. Почна вакцинација и на пациентите со дијализа и трансплантација, а надлежните порачуваат дека најлесен начин за вакцинирање е преку пријавување на веб-страницата www.vakcinacija.mk“.

Термини за вакцинација добија сите граѓани над 40-годишна возраст од Скопје, кои до 30 април изразиле желба за вакцинирање преку веб-страницата на Министерството за здравство.

Како што соопшти вчера министерот за здравство, Венко Филипче следните денови и од останатите градови во земјава, термини за вакцинирање ќе добијат граѓаните над 40-годишна возраст, кои до крајот на април изразиле желба за вакцинирање преку оваа веб-страница.

Почна и вакцинација на пациентите кои се на дијализа, како и пациентите со трансплантација.

-Имунизацијата во државата се одвива со засилено темпо, најлесен начин да се вакцинирате е со пријавување на www.vakcinacija.mk, информираше вчера министерот за здравство, Венко Филипче.

Со 100.000 вакцини од кинески „Синофарм“, кои пред два дена пристигнаа во земјава како донација од кинеската Армија, се очекува имунизација на населението да оди согласно предвидената динамика.

Надлежните посочуваат дека до крајот на следната недела се очекува да се вакцинираат дополнително пријавените 8.000 постари граѓани кои ќе имаат приоритет пред помладите.

Инаку, според извештајот на Министерството за здравство, во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 62 случаја на заболени од Ковид-19. Починаа 14 лица, а оздравени се 245 пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 756.480 тестирања на Ковид-19.

Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани од почетокот на пандемијата изнесува 154.698. Бројката на оздравени пациенти е 145.851, а на починати е 5.211. Има вкупно 3.636 активни случаи.

На инфективните одделенија низ болниците во државата и во Скопје се лекуваат вкупно 514 пациенти. Има околу 740 слободни кревети во ковид центрите.

Од Министерството посочија дека поради намален број на болни, затворени се дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.Во Скопје, во текот на вчерашниот ден беа хоспитализирани 17 нови пациенти, а вкупно се лекуваат 203 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19.Според извештаите од болниците низ државата, во болницата во Битола заклучно со вчерашниот ден, хоспитализирани се 35 пациенти, во болницата во Штип 36 пациенти, на инфективното одделение во Тетово седум пациенти, во Велес се лекуваат 35 болни, а во Куманово 51 пациент позитивeн и суспектни на Ковид 19.