Од вкупно 1.192 направени тестови во текот на вчерашниот ден, регистрирани се 48 нови случаи со КОВИД-19, што претставува 4 отсто од тестираните. Од вкупниот број заболени, седум се реинфекции. Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, регистрирани се 253 оздравени пациенти и двајца починати.

Од вкупниот број на новозаболени, 42 се од Скопје, Кавадарци 3, Гостивар 2 и Прилеп 1. Во главниот град се забележуваат и најголем број активни случаи 1027, од вкупно 1834-те на целата територија на државата.

Претставничката на Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ) во земјава, Патриција Ди Џовани во вчерашно обраќање истакна дека се наоѓаме во непредвидлива состојба со пандемијата и оти треба да се почитуваат мерките.

– Треба да имаме предвид во која фаза од пандемијата сме, односно каков е нејзиниот тек. Комисијата за заразни болести заседава, издава свои препораки, меѓутоа не значи дека сите мерки треба да бидат унифицирани за целата територија, бидејќи, како што кажавме ние од УНИЦЕФ, заедницата треба да се грижи за заедницата. Доколку во одредена заедница немаме случаи на Ковид-19 во тој случај би можело да се намалат мерките, односно да нема потреба да се носат маски итн., меѓутоа доколку има случаи на Ковид треба да се придржуваме до мерките. Треба да имаме доверба во работата на Комисијата, нагласи Ди Џовани.

Во однос на намалување на мерките, Главниот координативен кризен штаб за справување со ковид на крајот од минатата недела ги прифати препораките од Комисијата за заразни болести за укинување на обврската за носење маски во основните училишта, препорака за физичко присуство на наставата на факултетите, со силен апел за вакцинација и на студентите и на образовниот кадар, максимална исполнетост на капацитетите во затворен простор од досегашните 50 проценти да се зголеми на 75 проценти, но и да се укине протоколот за угостителски објекти со кои се бара сертификат за вакцинација за отворените простори на локалите, додека за затворените делови останува обврската за задолжително поседување сертификат.

Предлозите се доставени до Владата и се очекува во текот на оваа недела да бидат изгласани и усвоени на владината седница.

Во тек е и караванот за промоција на вакцината против коронавирусот, што го организираат Министерството за здравство, со поддршка од Светската здравствена организација, УСАИД и УНИЦЕФ.

Досега во Македонија се направени вкупно 1.955.058 тестирања на КОВИД-19. Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 305.114, бројот на оздравени пациенти е 294.072, на починати е 9.208, а на активни случаи изнесува 1.834.

ИЈЗ: Намален бројот на заразени од Ковид-19, доминира Омикрон „stealth“

Продолжува намалувањето на бројот на заразени и хоспитализарани од Ковид-19, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 21 до 27 март.

Тестирани се вкупно 16.074 материјали, а регистрирани сe 1.696 нови позитивни случаи, што е за 7,5% помалку во однос на претходната седмица. Процентот на позитивност се движи од 4,0% до
14,3%, просечно 10,1%.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.032; 60,8%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 224,2/100.000 и Скопје – 162,7/100.000.

Регистрирани се заболени лица во сите воз расни групи. Најзастапена се лица над 60 години, а најмал бројот кај возрасната група од 0-9 години.

Со статус „оздравени“ се стекнале 1.738 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување, 1,7% помалку во споредба со претходната недела. Пријавени се 268 реинфекции, со намалување од 13,3%.

Евидентирани се 17 смртни случаи, за 13,3% повеќе во однос на претходната недела (n=15). Најголем дел од нив се од Скопје (8). Во однос на возраста, 16 починати се над 60 години, а еден од возрасната група од 50-59 години.

Во „Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика“ при ИЈЗ, во текот на изминатата недела, е изведен PCR тестот базиран на Single Nucleotide polymorphism со користење на Vir SNiP SARS CoV 2 Spike S371L S373P за детекција на SARS CoV-2 кај 95 позитивни примероци на SARS-CoV-2 од болнички и примероци од пунктовите.

Во 5 (5,3%) од испитуваните примероци е докажана BA.1 сублинијата на Омикрон. Во 90 (94,7%) од испитуваните примероци е докажана BA.2 сублинијата на Омикрон – позната уште и како „stealth“.

Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 82 лица (24,8% помалку во споредба со претходна недела), од нив 33 се на кислородна поддршка, а еден на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.

Заклучно со 24 март, вакцинирани се вкупно 872.652 лица со барем една доза на вакцина против COVID-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се 852.855, а со трета доза 152.109 лица.