Шведска остава зад себе 200 години воена неутралност, изјави премиерот на земјата Улф Кристерсон, откако претходно вчера унгарскиот парламент го ратификуваше барањето на официјален Стокхолм за членство во НАТО.

– Шведска остава зад себе 200 години воена неутралност и неврзаност. Тоа е голем чекор и нешто што треба сериозно да се сфати, рече Кристерсон на попладневната прес-конференција, јави шведскиот јавен сервис СВТ.

Тој оцени дека Шведска, со претстојното членство во НАТО, „се враќа дома“ во сојузот на демократии

Ова беше добар ден за Шведска и шведската безбедност, истакна Кристерсон. – Ова е секако историски ден на кој сме сведоци, додаде тој.

Кристерсон посочи дека остануваат уште неколку чекори пред Шведска формално да стане членка на НАТО и дека во моментов не може да даде никакви информации за тоа кога точно ќе се случи тоа.

Новинарите го прашаа и каква реакција очекува од Русија.

– Што се однесува до Русија, единственото нешто за кое знаеме дека можеме да очекуваме е дека не им се допаѓа Шведска да стане членка на НАТО. Што друго ќе направат, не можеме да знаеме. Подготвени сме за секакви работи, изјави премиерот на Шведска.

фото: ЕПА