Заменик-министерот за екологија Јани Макрадули кој хаваријата во ОХИС денеска ја доживеал на прослава во Неготино, вечерва се јави преку Фејсбух со утеха: Се е под контрола, излеаната течност е собрана и покриена со пилевина.

Тој го пренесува соопштението од ресорното министерство:

– Министерството за животна средина и просторно планирање согласно последните информации добиени од надлежните инспекциски служби, ја информира јавноста дека состојбата во ОХИС е целосно под контрола и дека нема место за паника. Имено, излевање на вода при перење на празна цистерна поради пукање на вентил се случило во бетонска када чија функција е безбедносна токму при вакви случаеви. Во моментов излеаната течност е целосно собрана, а кадата е покриена со пилевина за да се соберат евентуалните остатоци од течноста. Пилевината ќе биде собрана во текот на утрешниот ден и соодветно, безбедно одстранета во специјални буриња за таква намена. Надзорот на локацијата ќе продолжи и утре, објави Макрадули.

Граѓани кои ја пријавија хаваријата во ОХИС, која власта сака да ја нарекува инцидент, вечерва на ТВ Алфа се пожалија дека печење во очите почувствувале уште вчера.

Макрадули денеска кога граѓаните алармираа за тоа што се случи во ОХИС, на социјалните мрежи, објавуваше восхитувачки успеси од проекти во Неготино:

– Присуствувајќи на свеченоста по повод 75 годишнината од Денот на ослободувањето на Неготино, имав можност да се уверам дека општината се движи и се развива во вистинска насока, со сите досега планирани и реализирани проекти и активности, објави Макрадули на Фејсбук.