Во Грција напролет ќе се одржат парламентарни избори, изјави денеска грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, потврдувајќи ги извештаите на локалните медиуми дека Владата размислува за избори околу април.

„Изборите ќе се одржат напролет, во основа во моментот кога практично го исцрпивме нашиот четиригодишен мандат“, изјави за новинарите Мицотакис, чиј мандат истекува во јули.

Лидерот на партијата Нова демократија, која според последните истражувања на јавното мислење ужива најголема популарност, додаде дека од симболични причини ќе се кандидира во префектурата Еврос.

Еврос е единствената префектура во Грција која има копнена граница со Турција, а во текот на 2020 година десетици илјади баратели на азил се обидоа да преминат во Европската унија, откако Анкара објави дека повеќе нема да ги спречува мигрантите да прават такви обиди.