Со кинескиот претседател Си Џинпинг, со премиерот Ли Чианг и претседателот на Националниот народен конгрес Жао Леџи, ќе се сретне грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на неговата официјална посета на Кина, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис денеска пристигна во Пекинг и го посети Забранетиот град, а средбите со државниот врв се закажани за утре.
Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека посетата била планирана долго време и се очекува да биде можност да се разговара за прашања поврзани со билатералната соработка, како и за теми од регионален и меѓународен интерес.
-Грција настојува да ги зајакне билатералните трговски односи, туристичките односи и да го зголеми грчкиот извоз во Кина, особено во земјоделскиот сектор и стандардизираните производи. Се очекува да се разговара и за случувањата на Блискиот Исток и за последнните случувања во Украина. Кина како членка на Советот за безбедност на ОН може да игра важна улога во регионалните и меѓународните безбедносни прашања и во одржувањето на меѓународниот мир и стабилност, рече Маринакис.
Додаде дека позицијата на Грција е дека се неопходни отворени канали на комуникација со Кина и соработка за справување со глобалните предизвици, како што се климатските промени, за односите да бидат конструктивни и заемно корисни.
Дополнително, потсети дека веќе две од најголемите кинески рејтинг агенции го надградија кредитниот рејтинг на Грција на инвестициски степен.
Фото: Кабинет на грчкиот премиер