Хируршкото одделение во струшката болница една недела ќе биде затворено, соопшти Министерството за здравство.

Во хируршкото одделение во Општата болница Струга се заболени 16 отсто од вработените, односно девет од вкупно 56 здравствени работници кои работат на ова одделение, додека пет имаат прележано и се на своето работно место.

Ова го соопшти заменик министерот д-р Асим Муса откако во медиумите излезе информација дека одделението е затворено поради заболување на 50 отсто од медицинскиот персонал од морбили.

Тој додаде дека во Општата болница, 70 отсто од вработените се вакцинирани и најави дека оние кои не се вакцинирани ќе бидат вакцинирани во најкраток период со МРП вакцина.

Во соопштението од Министерството за здравство се наведува дека хируршкото одделение ќе биде затворено една недела, а пациентите и понатаму ќе ја имаат потребната неопходна здравствена заштита. Тие ќе бидат испраќани во Охрид и Битола.

Од почетокот на епидемијата до сега, во Центрите за јавно здравје, дополнително се вакцинирани вкупно 1.780 лица, од нив повеќе од 65 отсто се здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта, останатите се контакти и лица над 14-годишна возраст.

Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата изнесува 25.808.

-Вакцинацијата е единствената мерка за спречување на ширење на епидемијата од морбили и подигнување на колективниот имунитет, истакнуваат од Министерството.