Лицето кое ноќеска беше примено на Инфективната клиника во Скопје, е тестирано и нема коронавирус, потврдија од Министерството за здравство. Пациентот имал лесна клиничка слика, нема покачена телесна температура и неговата состојба е стабилна.

Тој пристигнал од Милано во Скопје со попладневниот лет на „Визер“ . Патникот поминал низ термалната камера, која кај него не дијагностицирала симптоматологија на болест. Првите симптоми ги почувствувал по доаѓањето дома, по што се јавил на Инфективната клиника во Скопје и бил примен во 22 часот. Од неговото пристигнување на клиниката, пациентот е ставен во изолација, по што му се направени тестови согласно утврдениот протокол.

Од МЗ велат дека будно ја следат состојбата и во континуитет се постапува по препораките на Светската здравствена организација, а од денеска се применуваат и нови зајакнати мерки за превенција од корона вирус.

Министерот за здравство Венко Филипче синоќа ја демантира веста дека станува збор за инфицирани со коронавирус, туку дека станува збор за друг вид преглед. Кај граѓаните предизвика паника што се рашити на социјалните мрежи, поради големото полициско обезбедување околу Клинички центар.