Руската економија се соочува со „длабока рецесија“ поради западните санкции, рече извршна директорка на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева.

Таа денеска изјави дека очекува зголемен притисок врз Русија да стави крај на војната во Украина со оглед на прелевачките ефекти што таа ги има врз економиите ширум светот.

Георгиева во изјави за Си-Ен-Би-Си соопшти дека разговарала вчера со претставник на Кинеската централна банка, кој изразил голема загриженост за загубата на човечки животи и страдања во Украина.

– Војната во Украина и огромните санкции против Русија предизвикаа намалување на светската трговија, нагло покачување на цените на храната и енергијата, принудувајќи го Меѓународниот монетарен фонд да ја намали прогнозата за глобален раст во текот на следниот месец, изјави Георгиева.

Глобалниот кредитор веќе ги намали економските прогнози за САД, Кина и глобалната економија во јануари, наведувајќи ги ризиците поврзани со пандемијата Ковид-19, зголемената инфлација, прекините на синџирот на снабдување и очекуваното заострување на монетарната политика на САД. ММФ тогаш прогнозираше дека глобалниот економски раст ќе достигне 4,4 отсто оваа година, што е намалување од претходната прогноза за раст од 4,9 отсто.

Кристалина Георгиева денеска во изјава за новинарите рече дека санкциите без преседан наметнати на Русија поради нејзината инвазија на Украина предизвикаа нагло намалување на руската економија и таа се соочува со „длабока рецесија“ оваа година. Таа, исто така, истакна дека несолвентноста на Русија веќе не се смета за „неверојатна“.

Шефицата на ММФ не даде подетална прогноза за Русија или за светската економија.

Таа истакна дека ММФ во моментов нема програма или политички односи со Русија, а канцеларијата на Фондот во Москва не работи. Членовите на ММФ ја осудија војната, која Русија ја нарекува „специјална воена операција“, но нема дискусија за прекин на членството на Русија во глобалниот кредитор, рече таа.

Георгиева додаде дека е „многу, многу, многу малку веројатно“ Русија да може да најде централна банка за размена на т.н. „Посебни права на влечење“ во ММФ во друга валута.