Министерството за здравство информира дека согласно извештајот на Институтот за јавно здравје, од 10 до 16 август се направени вкупно 11.605 тестирања на КОВИД-19, што е повеќе за 2.062 или 17.8 проценти  споредено со претходната недела.

Од направените 11 605 тестирања, нови позитивни на вирусот се 902 односно 7.8 отсто. Тоа, како што наведува Министертството, покажува тренд на континуирано намалување во однос на претходните недели кога се движеше од 10, 9.4 и 8.6 проценти.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (251 или 27,8 %) и Куманово (125 или 13,6%). Во 18 градови во земјава, во наведениот период бројот на новопотврдени случаи е под 20.

Во однос на старосната структура, регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. И во овој период, најзастапена е возрасната група на лица над 60 години со 206 (22,8%) позитивни. Голем број заболени се регистрирани и кај лицата на возраст од 30 до 39 (163 или 18,1%) и од 50 до 59 162 или 18,0%). Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 (26 или 2,9%) и од 10 до 19 години (49 или 5,4%).

Од случаите кои се епидемиолошки истражени (858 или 95,1%), регистрирани се 87 (10,1%) хоспитализирани, а кај 244 (28,4%) лица е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број нови случаи, 303 (35,3%) имале контакт со потврден случај, а 27 лица биле на патување во последните 14 дена.

Во споменатиот период по добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2, како оздравени се водат 1067 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 29 повеќе споредено со претходната недела.

Регистрирани се 17 смртни случаи од девете градови, што е намалување од 32,0% во однос на минатата недела. Најголем дел од случаите биле на возраст над 60 години (девет односно 52,9%). Од починатите, 16 биле хоспитализирани, а еден починал во вонболнички услови. Коморбидитети се регистрирани кај 11 починати лица.

Деталните извештаи на Институтот за јавно здравје за состојбата со КОВИД-19  за периодот од 10 до 16 август 2020, како и за кумулативна состојба со вирусот во земјава се достапни на веб-страницата на Институтот (http://iph.mk).