Петмината кандидати кои влегоа во трката за избор на градоначалник на Штип од денеска ја почнуваат кампањата на терен. Едногласни дека во ова време е најважно е здравјето на граѓаните, па митинзи и собири по населбите, какошто велат нема да имаат. Промоцијата на нивните програми и кои ќе им бидат приоритети ќе ја прават преку медиумите, социјалните мрежи, билборди, а флаерите ќе ги делат на дистанца.

Кандидати за градоначалник се Симон Поликарп од Интегра-Македонска кознервативна партија, Сашко Николов од СДСМ, Трајче Митев независен кандидат, Гоце Ангелов од коалицијата „Иднината во наши раце“ и Лазар Наумов од партијата ТМРО.

Изборната кампања почнува од денеска, а ќе трае до 10 декември. Формирани се пет лекарски избирачки одбори за Штип, ковид болните  и оние кои имале контакт со нив ќе гласаат на 11, болните и изнемоштени и осудените лица на 12, а на 13 декември е првиот изборен круг. Гласачките места ќе се отворат во 7, а ќе се затворат во 19 часот.

Во Штип има вкупно 77 избирачки места, а бројот на гласачите ќе се знае со добивање на доверливиот материјал. Ковид болните и изолираните за гласање ќе се пријавуваат по електронски пат, додека болните и изнемоштени лица рокот за доставување на документацијата им е до 5 декември.

Освен на Штип, градоначалник ќе се избира и на Општина Пласница.