Не точно дека откупната цена на пченицата се движи од девет до 10,5 денари за килограм како што соопшти вчера Министерството за земјоделство. Не сме сретнале до сега некој да плати повеќе од 8,5 денари со ДДВ, реагираат денеска производителите.
Тие стравуваат дека поради ваквите поинакви пресметки на Министерството, нема да добијат државна поддршка како надомест за разликата меѓу производната и откупната цена, што беше случај во претходните две години. Воедно остануваат на ставот дека откупната цена треба да биде десет до 12 денари за килограм.
– Не знам од каде му се овие податоци на МЗШВ. Вчера разговарав со производителите од Прилеп, Битола, Овче Поле. Ги слушнав и претсавниците на Сојузот на земјоделците, регионалното здружение „Клас“, Националната федерација на фармери, здружението „Овчеполски фармер“. Сите имаат скоро идентични извори и изјави за цената на пченицата. Од седум до осум денари е цената на терен, зависно од видот на плаќањето и квалитетот. Не сме сретнале до сега некој да плати повеќе од 8,5 денари со ДДВ. Разговарав и со мелничарите, тие до сега не купиле пченица од земјоделците за повеќе од 8,5 денари, изјави за МИА претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Ефтим Шаклев.
Според него, 10,5 денари е нереална цена и може да ја даде, ако продава, само ЗИК Пелагонија и тоа на своите сопствени млинови, но тоа нема никакво влијание врз формирањето на откупната цена за земјоделците.
– Со Министерството немаме иста пресметка и во однос на производната цена. Министерството вели дека е 9,14 денари за просечни приноси од 3,5 тони, а ние тврдиме дека е 10 денари зашто приносите не се 3,5 тони, туку три тона по хектар. Значи, околу 10 денари по хектар. Во ваков случај, на несовпаѓање на цените со Министерството, кога ќе бараме поддршка како своевиден надомест за разликата во производната и откупната цена, нема да добиеме, зашто ние ќе излеземе со едни, а МЗШВ со други цени, објаснува Шаклев.
И претседателот на „Овчеполски фармер“ Ангел Стојчев, кој застапува 3.000 – 4.000 производители од Светиниколоско, вели дека откупната цена на пченицата е максимум 8,5 денари. Тој укажува и дека целото производство е веќе откупено, само десет отсто задржале производителите за сопствени потреби.
– Пченицата во Овче Поле се продава по осум до 8,5 денари. Не е точно дека се продава по девет до 10,5. Министерството овие бројки ги вади од ракав. Нам, среќа, родот ни го откупи трговец кој, потоа, според наши информации, го препродаде во Грција. Така всушност добивме по осум денари. Инаку, нашите млинари даваат по пет или шест денари за килограм пченица, изјави Стојчев.
Тој се жали дека производителите нема со кого да разговараат. Побарале од Министерството денар-два како дополнителна цена уште пред жетвата, но веројатно нема да добијат.
– Нема со кого да се раговара. Ги укажувавме слабостите, но никој не сакаше да не сулушне. Баравме денар до два како дополнителна цена пред месец и нешто, но видовме дека државата не сака да ни излезе во пресрет и се повлековме. Едноставно, не ја инетерсираат земјоделците што произведуваат житни култури, нагласува Стојчев кој ја продава пченицата по осум денари, а има 120 хектари и е регистриран производител.
И Мемет Синани од Национална федерација на фармери тврди дека откупната цена на пченицата е најмногу 8,5 денари за килограм. Некаде дури се плаќа и по минимални шест денари.
– Минатата недела имавме средба со поледелци од полошкиот, преспанскиот и скопскиот регион во Прилеп на која уште еднаш се разгледуваа состојбите со пченицата за оваа година. Беа истакнати овие цени што им ги нудат откупувачите и млинарите, од шест до 8,5 денари. Ние, производителите, истакнавме дека ако до крајот на сетември не се дефинира цената и не потпишеме договори, нема да посееме пченицата, бидејќи не ни е исплатливо, напоменува Синани и дополнува дека во велешкиот и полошкиот регион моментно има застој на откупот.
Став на Федерацијата е дека според Законот за земјоделство и рурален развој треба да се воведе интервентен откуп и да се дефинира интервентна цена на пченицата со одлука на Влада на предлог на Министерството за земјоделство кога производната цена е повисока од откупната.
– Оваа година тоа се случува во Македонија, производната цена е од 9,14 до 11 ден за килограм, а откупната под 8,5 денари. Според берзанските цени, Македонија има најниска откупна цена за пченицата во регионот која се движи од 7 до 8,5 денари. Во Хрватска е 8,84, во Србија е 9,12, ва о Бугарија 10,55 денари за килограм, истакнува Синани.
Земјоделците велат дека приносот на лебно жито годинава е 3.000 килограми по хетар, а квалитетот е намален поради обилните врнежи, освен во Очеполието.
– Очекувавме просек од 4.000 килограми, но врнежите ја спречија навремената жетва, дел од родот презреа и падна, со што падна и квалитетот на лебното зрно. Мислевме дека оваа година ќе биде една од најдобрите, но се случи обратното, посочи Шаклев.
Министерството за земјоделство вчера соопшти дека жетвата на пченицата заврши на сите засеани 78.000 хектари површина. Просечениот принос е околу 3.500 килограми по хектар, а откупната цена се движи од девет до 10,5 денари по килограм.