Умереното пиење на алкохол е поштетно во однос на она што од претходно се претпоставуваше, покажа истражување во чиј заклучок стои дека не постои безбедна количина на алкохол која може да се консумира.

Преку опсежно истражување се анализирани податоци собрани од речиси 200 земји. Се покажа дека алкохолот е поврзан со речиси три милиона смртни случаи и тоа секоја година, во секој дел од светот.

Помеѓу лицата на возраст од 15 и 49 години, во еден од десет смртни случаи причинител е консумирањето на алкохол. Всушност, повторно е докажана силната врска помеѓу консумацијата на алкохол и ризикот од создавање на карцином и ризик од повреди предизвикани од сообраќајни несреќи, при кои шоферот управува со возило под дејство на алкохол.

„Дури и најмала количина на алкохол нанесува повеќе штета отколку корист. Нашите откритија се разликуваат од останатите, според кои се вели дека умерената консумација на алкохолни пијалаци, едно дневно за жени и две за мажи е безбедна“, стои во истражувањето, објавено во магазинот „The Lancet“.

„Тоа не значи дека ќе умрете ако пиете при посебни прилики, за родендени или божикни и новогодишни прослави. Тешко е да се процени ризикот за лицата кои пијат ретко, па резултатот се однесува на оние кои пијат по еден алкохолен пијалак дневно неколку дена во неделата“, изјави Кеит Хампрејс, која учествуваше во истражувањето.

Научниците дојдоа до податоци, според кои едно од три лица на светот пие алкохол (32,5 отсто), односно 25 отсто жени и 39 отсто мажи.

Прекумерното консумирање на алкохол во 2016 година беше седми главен причинител за предвремена смрт во светот. Пред алкохолот главни причинители за прерана смрт во 2016 година беа крвниот притисок, пушењето, ниската породилна тежина и предвремен пород, дијабетес, дебелина и загаден воздух.

Конкретно, кај лицата кои консумираат по еден алкохолен пијалак дневно, ризикот од развој на еден од вкупно 23 здравствени проблеми поврзани со алкохол, се зголемува за 0,5 отсто во една година, во споредба со некој кој воопшто не пие.

„Алкохолот предизвикува страшни последици за идната здравствена состојба на луѓето, бидејќи не постои превенција“, вели еден од научниците кои учествуваа во ова истражување.

„Истражувањето потврди дека алкохолот е еден од најголемите причинители за инвалидитет, болести и смрт“, стои во заклучокот од ова истражување, во кое се додава дека поттикнувањето на апстиненција од алкохол е исклучително тешка задача поради големиот број на луѓе кои пијат алкохол и влијанието на моќните индустрии на пазарот со алкохол.

Сепак, научниците покрај апстиненција, препорачуваат некои други можни мерки, како зголемување на данокот за алкохол, контрола на достапноста на алкохолот и временска рамка за продажба на алкохол.

Ова големо истражување го финансираше фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс.