НОВАЧЕВСКИ ДО ДОНЧЕВ: Ако „Диамед“ е криминална фирма зад која стои Груевски, зошто и исплативте три милиони евра?

/ 25.09.2019

Ристо Новачевски од Диамед Македонија, кого директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев го обвини дека е неформален сопственик на фирмата, кому му биле исплаќани високи суми пари, а истиот ден кога биле префрлени пари од шведскиот купувач отворил сметка во странска банка, ги демантира небулозните тврдења на Дончев изнесени на прес-конференција во Владата. Новачевски смета дека намерата на Дончев била да го дискредира.

Неговиот демант го пренесуваме во целост.

„Ќе се обидам да бидам што е можно пократок, со оглед дека целиот прес беше исполнет со лаги и глупости, кои ја докажуваат неговата неспособност за водење на функцијата која му е доверена.

Господине Дончев:

1. Тврдите дека ми биле исплатени од 2014-2017, 10,000.000 ден. во плати, 17,000.000 ден разни надоместоци, 9,000.000 ден готовински исплати и 12,000.000 ден. сум подигнал од банкомат.

Вистината е дека од 2014-2017 ми се исплатени 17,503.090ден. по основ на плати и бонуси за успешно работење, за кои уредно сум ги платил сите давачки кон државата. Службената картичка никогаш не била употребена од мене. Со ова се подразбира дека никогаш немам подигнато било какви средства од таа службена картичка. Исто така не ми е исплатен ниту денар од касата на фирмата.

2. Тврдите дека Вера Иванова не е вистинскиот сопственик на Дијамед-Македонија и на фирмите косопственици и се сомневате дека вистинскиот сопственик сум јас, односно преку мене експремиерот Никола Груевски.

Вистината е дека Вера Иванова јавно изјави во медиумите дека таа е единствен сопственик на “Дијамед-Македонија” и сите фирми поврзани со неа. Исто така, откако “Диаверум” ги уплати парите на сметките, Вера Иванова поднела пријава до УЈП за плаќање на данок на приход, остварен по основ на продадени удели, а на 14.11.2018г. УЈП ѝ издава решение за плаќање данок.

3. Тврдите дека истиот ден кога биле исплатени средствата на сметката, јас сум отворил сметка во истата банка.

– Вистината е дека сметката е отворена на 18.03.2018 г. во време кога вие веќе ги пишманевте и избркавте “Диаверум”. Целта на отворање на сметката беше планот на Вера Иванова да инвестира во странски проекти и притоа да бидам повторно ангажиран од нејзина страна. Откако Вера Ивановаувиде дека проблемите со Вас ќе и бидат долгорочни и ќе ѝ пропаднат бизнис плановите за развој, надвор од границите на РМ, некаде околу април/мај 2019 ја затворив мојата сметка, која впрочем воопшто не беше активирана со ниту една трансакција.

Ако таа сметка беше отворена со намерата за која што Вие тврдите, ќе ја употребев уште истиот ден кога парите се префрлени – без никаков проблем.

– Ова се вистините и одговорите на Вашите лажни обвинувања. Сега имате пет дена да ги документирате Вашите тврдења или да ми се извините пред целата македонска јавност со ист интензитет со кој што ме обвинивте, во спротивно следува тужба.

Имам едно прашање до Вас како чувар на парите на македонските здравствени осугуреници. Објаснете зошто откако им “укажавте” на инвеститорите од шведски “Диаверум” дека се работи за криминален тендер и сомнителна фирма која го добила, ќе вршите ревизија на целиот процес, дека ќе има истрага и сл. Наместо да го поништите таквиот тендер, доколку тоа навистина било така, не поднесовте тужба пред судот во Париз. Наместо тоа Вие предвремено исплативте 4 или 5 ф-ри во износ од околу 3,000.000 евра на “криминалната” фирма “Диамед-Македонија” и со тоа го оштетивте буџетот на РМ. Да повторам 3,000.000 евра во време кога Ви протестираа специјализанти и доктори за договори и повисоки плати.Тогаш кога мајки ви плачеа за пари за лекување на своите деца во странство, кога се бараа повеќе финансии за луѓето со ретки болести итн.

Дали со оглед на сите Ваши тврдења дека зад фирмата “Диамед-Македонија” стои Груевски, Вие впрочем трите милиони евра свесно му ги префрливте нему, а глумите омраза кон него или можеби нешто друго Ви било мотив за да го сторите тоа.

Господине Дончев, знаете ли што е единствено очигледно? Очигледно е дека Вие сте единствениот печалбар во обратна насока. Дојден од Австралија во Македонија. Најверојатно Ви се погоди првата печалба, па решивте повторно да се вратите“, вели Новачевски.


Од истата категорија