На С. Македонија и на Бугарија сега е да ја вратат довербата и комуникацијата за да можат да разговараат за чувствителните прашања и да ја сменат перцепцијата, изјави за МИА шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Вели дека поради потребата да се разговара рационално и без емоции, најверојатно атмосферата ќе биде попозитивна по изборите во Бугарија. Сигналите, пак, од бугарската страна се да се смират емоциите и двете земји да влезат во прагматичен дијалог.

Османи вчера за МИА, по посетата на Луксембург и Белгија, оцени дека постои „разочарување на С. Македонија и нејзините граѓани“ по блокадата на Бугарија во декември за преговарачката рамка, која требаше да го означи конечно формалниот старт на преговорите за членство во ЕУ.

Минатиот декември, инсистирањето на Бугарија не само да не се усвои рамката со Македонија, туку и да се вметне реченица која се однесува на „погрешното толкување на историјата“ предизвика реакции на дел од земјите членки на ЕУ, при што најгласни беа Словачка и Чешка.

Османи смета дека овој неуспех на ЕУ има „опасни последици“ за целиот регион на Западниот Балкан.

– Последиците се во влегување на регионот во голема непредвидливост во однос на ЕУ перспективата. Знаете дека не успеа ни преговарачката рамка за С. Македонија, но ни заклучоците за целиот регион, така што целиот регион влегува во непредвидливост, а во овие околности непредвидливоста е поопасна од негативен исход од некои процеси, затоа што тешко се подготвувате и се браните од непредвидлив период. Ние инсистираме на предвидливост, вели шефот на македонската дипломатија за МИА.

Бугарската блокада, која делумно се гледа и како последица на предизборната атмосфера кај нашиот источен сосед, се однесува на повеќе прашања, од кои и чувствителни историски и идентитетски. Според министерот за надворешни работи, сепак, полека се „кристализира“ бугарската позиција и станува појасно дека Софија „не ги спорат идентитетските атрибути“.

– Нашите црвени линии во однос на идентитетските карактеристики како јазикот, народот, етничката припадност се јасни и бескомпромисни и драго ми е што Бугарија го искристализира својот став дека не ги спорат идентитетските атрибути. За да пристапите кон проблем треба добро да го дефинирате, постојат различни перцепции и кај нас и во Бугарија, и во ЕУ. Ние не разговараме за идентитетските атрибути, прашањето што го покрена Бугарија се историската основа на тие атрибути. Наш став е дека за историја може да разговараме во фунцкија на образованието и во коригирање стереотипи кои ги прикажуваат нашите народи како непријателски, изјави Османи за МИА.

Конкретно, како што нагласи шефот на дипломатијата, тоа значи дека Македонија е посветена кон имплементација на Договорот за добрососедство од 2017 година и на работата на заедничката Комисија за историски и образовни прашања. Според него, тука треба да се работи на учебниците и „карактеризации од минатото“ кои ги повредуваат чувствата на бугарскиот сосед, како на пример употребата на епитетот „фашистички“.

Шефот на дипломатијата нагласи дека на овие прашања треба секојдневно да се работи, но дека поради потреба да се разговара рационално и без емоции, најверојатно атмосферата ќе биде попозитивна по изборите во Бугарија.

Околу барањето на Бугарија да се вметне посебно поглавје во рамката за преговорите со земјава посветено на историските прашања, Османи вели дека тоа е нешто што ниту самата ЕУ не го прифаќа.

– Мислам дека таа дебатата не е меѓу нас и Бугарија, туку меѓу Бугарија и ЕУ,  26 земји членки сметаат дека историјата не може да биде критериум и ЕУ да биде арбитер за тие прашања и не смее да има девијација од тие основни принципи на преговарачкиот процес, вели министерот Османи за МИА.

Османи во Брисел имаше средба и со белгиската министерка за надворешни работи, Софи Вилмес која порача дека Белгија ја поддржува европската перспектива на сите земји од Западен Балкан, но смета дека нивната апликација за членство треба да биде оценета врз основа на сопствените заслуги и условена стриктно според реалниот напредок на терен.

Во врска со регионалните прашања таа го поздравила Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство со Република Бугарија.

– Помирувањето и стабилноста на Балканот е клучна за Европската Унија, затоа е неопходно дијалогот помеѓу С. Македонија и нејзините соседи треба да биде постојан за да се постигнат овие цели, вели таа.

Според Османи, бугарската блокада и застојот со вакцините за само два месеци претставуваат „лоша коинциденција на две негативни пораки за регионот“, што се одразува врз анкетите на јавно мислење за ентузијазмот кон ЕУ.

Бугарскиот амабасадор во земјава, Ангел Ангелов во средата за време на посетата на Штип рече дека е оптимист дека наскоро ќе бидат одблокирани преговорите меѓу Скопје и Софија и смета дека двете држави треба да продолжат да работат во тој правец.

– Јас сум оптимист и треба да продолжиме да работиме во насока за која што говори и специјалниот пратеник на Владата на РС Македонија, г-дин Бучковски, со мали чекори да ја вратиме довербата, а кога ќе ја вратиме довербата, ќе ја најдеме и формулата по која ќе одиме напред. Со малите чекори, еве ќе повторам уште еднаш. Со господинот Бучковски работиме многу блиску. Знаете дека тој неколку пати беше во Бугарија, оствари средба со министерката Захариева и се обидуваме со мали чекори да одиме напред за да си ја вратиме довербата. Кога ќе ја вратиме довербата, ќе има напредок, изјави Ангелов.

Амбасадорот посочи дека сигналите кои ги дава бугарската Влада е да се намалат емоциите од двете страни и, како што рече, двете земји да влезат во еден прагматичен дијалог, кој ќе го анулира и говорот на омраза.

Двете земји предвидуваат 28,4 милиони евра во заеднички проекти, а се чека одобрување од Европската комисија за нивна реализација.

Дописникот на МИА од Софија јави дека откако Владата на Бугарија на 3 февруари одлучи да го зголеми учеството на средствата од Европскиот фонд за регионален развој за 46 проценти, во рамките на програмата за прекугранична соработка меѓу двете земји, во споредба со тековниот програмски период од 2014 до 2020 година, се предвидува  да бидат инвестирани над 28,4 милиони евра во заеднички проекти меѓу Бугарија и Македонија во програмскиот период од 2021 до 2027 година.

-Со оваа одлука, бугарската Влада го потврди високиот потенцијал и додадената вредност на заедничката програма за прекугранична соработка и заедничките проекти за подобрување на животот и економската состојба во регионот, изјави Деница Николова, заменик-министер за локална самоуправа на Бугарија и ко-претседавач на онлајн состанокот за заедничката работна група, за подготовка на Програмата за прекугранична соработка INTERREG-IPA меѓу Бугарија и Македонија во период од 2021-2027 година.

На состанокот е констатирано дека има три главни приоритети што ќе бидат поддржани во рамките на заедничката програма. Меѓу нив е и реализацијата на стратешкиот проект за изградба на граничен пункт „Клепало“ помеѓу Струмица и Берово. Еден од приоритетите е и спроведување на интегрираниот територијален пристап во рамките на Целта на кохезивната политика 5 „Европа поблиска до граѓаните“, што има за цел директно да ги поврзе локалните потреби со стратешките насоки за развој и да им овозможи на локалните заинтересирани страни да им дадат приоритет на инвестициите за подобрување на благосостојбата на регионот.

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева завчера ја критикуваше изјавата на премиерот Зоран Заев дадена во понеделникот на дебатата на американскиот тинк-тенк Атлантски совет на тема „С. Македонија на прагот на Европа“.

Заев тогаш кажа дека позицијата на Бугарија е непринципиелна и спречи овозможување на првата меѓувладина конференција со ЕУ со што требаше да биде означен почетокот на преговорите.

-Нашиот став е дека пријателите не треба меѓу себе да се блокираат. Напротив тие треба да си помагаат. Бугарија мора да разбере дека имаме суверено право да се определиме и чувствуваме како Македонци кои зборуваат македонски јазик, а со тоа да се почитуваат и сите европски идентитети кои ги имаме во нашата земја. Сметам дека нивниот сегашен став е анахрон и е спротивен на меѓународното право. Ние како држава ќе продолжиме да ги правиме сите напори да постигнеме надминување на проблемите, притоа почитувајќи се себе си и останатите. Нашата држава е Европа во мало, рече тогаш Заев.

Захариева истакна дека нивниот проблем е тоа што сметаат дека се негува омраза кон Бугарите и оти не се исполнува Договорот.

Повтори дека Бугарија сака да ја види Македонија како дел од Европската Унија.

-Тоа што сите не прашуваат е зошто да не започнат преговори, а во самиот преговарачки процес да се решат проблемите. Само што не може се да се реши за еден ден, емотивни се, сакавме неколку чекори пред процесот за одобрување за ЕУ, рече Захариева за Нова ТВ.

Таа е уверена дека со коалициските партнери нема разлики во однос на македонското прашање.

-Во однос на темата за РС Македонија имаме одлука во Парламентот, што е едногласно усвоена. Со сигурност има затегнување во односите и сметаме дека сите треба да ги смириме емоциите, додаде Захариева.