Под наслов „Пандемија во пандемија. Криза на менталното здравје. Знаеме ли што ни се случува?“ од денеска, започнуваат Отворените разговори за менталното здравје во организација на „Ротари Клуб Скопје Интернационал“.

Како што најавуваат организаторите, Разговорите ќе се одржуваат онлајн на платформата Зум, а првата тема им е посветена на младите во време на пандемијата и појавата на таканаречена „Генерација Ковид-19“.

Отворениот разговор на тема „Како да препознаете анксиозност? Рефлекторите свртени кон средношколската популација“ е со почеток 20 часот, а ќе зборува Ана Попризова, психолог и гешталт терапевт, со големо искуство особено кај средношколците како група, која според многу истражувања се смета за една од најзасегнатите.

Според СЗО, околу 20 проценти од децата и адолесцентите во светот имаат проблем со состојбата на менталното здравје, а самоубиството е втора причина за смрт кај млади од 15-29 години.

Целта на овие отворени разговори, се посочува, е подигнување на јавната свест за состојбите со менталното здравје и иницирање промена во ставовите кон овие прашања.

„Ротари Клуб Скопје Интернационал“ ќе организира серија разговори на повеќе теми од областа на менталното здравје, а ќе се одржуваат еднаш месечно – секој последен вторник во месецот. Сите заинтересирани кои сакаат да предложат тема или да се пријават како предавачи можат да го направат тоа на електронската адреса rotaryclubskopjeinternational@gmail.com.

Повеќе од 450 милиони луѓе во светот страдаат од нарушување на менталното здравје, а околу 20 отсто од децата и адолесцентите имаат ваков тип на проблеми, се вели во извештајот на Светската здравствена организација. Нарушувањето на менталното здравје се зголеми во време на пандемијата предизвикана од Ковид-19 и стана дополнителен ризик-фактор за луѓето, а лицата кои се соочуваат со вакви проблеми понекогаш не се свесни за својата состојба.