Без снег, со сончеви периоди и температури од -4 до 4 степени, најавува за денешниот ден Управата за хидрометеоролошки работи.

Снеготот што во изминатите денови интензивно паѓаше, во Маврово формира покривка од 95 см, на Попова Шапка 50, во Крушево 44, а во Скопје 12 сантиметри.

Најстудено изутринава е во Скопје, Крива Паланка, Крушево и Маврово со минус осум степени.

Од денеска попладне до недела времето ќе биде стабилно и суво со ниски утрински температури кои во поголемиот дел од населените места ќе се во интервал од -5 до -15 степени. Наутро ќе има услови за појава на магла по котлините.

В недела попладне ќе се зголемува облачноста, а во понеделник во текот на денот ќе има нови врнежи од снег со слаб до умерен интензитет.

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, наместа со остатоци од снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Тетово, Попова Шапка, Маврово и Дебар.

Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на планинскиот превој Стража, соопшти Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).

Забрана за движење на тешки товарни возила има на патните правци крак Маврово – Дебар, Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, Кичево – Охрид преку планинскиот премин Пресека, Струга – граничен премин Ќафасан и  Тетово – Попова Шапка,  каде забраната важи и за автобуси, а за останатите возила е задолжително користење на зимска опрема.