Во пожарот кој избувнал ноќеска во велешката населба Варналиите изгоре една куќа, а загина и нејзиниот сопственик. Пожарот е локализиран и се работи на целосна ликвидација на жариштата, информираат утрово од Противпожарната бригада во Велес.

Оттаму истакнуваат дека нема опасност по соседните објекти, како и дека се уште не се знае причината за избувнувањето на пожарот.

Во врска со пожарот синоќа се огласи и Велешкиот градоначалник Аце Коцевски.

-Со жалење ве известувам, дека ноќеска во Велес, околу 23 часот, избувна силен пожар што целосно изгоре една куќа во која се претпоставува дека настрадал и сопственикот, лице на околу 80 годишна возраст, а една куќа е делумно зафатена од пожарот. По интервенција на пожарникарите од ТППЕ Велес пожарот е ставен под контрола, напиша ноќеска Коцевски на својот фејсбук профил.

Куќата која изгоре, додава Коцевски, е споменик на културата, заштитена со закон, бидејќи е дел од Јадрото на Варналиите, со автентична стара велешка архитектура од 19 век, каде што режисерот Милчо Манчевски снимаше делови за спотот за убавините на Македонија.