Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов од денеска престојува во официјална посета на Хашемитското Кралство Јордан.

Во Кралската палата Ал Хусеин во Аман, претседателот Иванов, со сопругата Маја Иванова, ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести од страна на кралот на Хашемитското Кралство Јордан, Абдула Втори Ибн Ал Хусеин.

Во рамки на посетата, како што соопшти Кабинетот на Иванов, тој ќе оствари средби со премиерот на Кралството Јордан, Омар Разар, со претседателот на Сенатот, Фаисал Ел-Фајез, со спикерот на Претставничкиот дом Атеф Таравнех и со членовите на Претставничкиот дом.

Иванов ќе одржи и предавање во Советот за светски прашања на тема „Балканот, Кавказот и Блискиот Исток: Бермудскиот триаголник на Европа“ и ќе го посети Бирото за дизајн и развој на Кралот Абдула.

Сопругата на претседателот Иванов ќе се сретне со кралицата на Јордан, Ранија Ал Абдула и ќе ги посети фондацијата Јорадан ривер, невладина организација чијшто фокус е безбедноста на децата и зајакнување на заедницата, како и Детскиот музеј „Јордан“, кои се основани од кралицата Ранија.