Бројот на аплицирани дози вакцини во земјава надмина милион. Интересот за вакцинација од пред два дена е значитечно зголемен. Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 561.912 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 8.914 граѓани, а вкупно се вакцинирале 16.020 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.016.700 дози вакцини, а ревакцинирани се 454.788 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Со последните бројки, како што се посочува, 66 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 64 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 60 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 50 отсто од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата. Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување како и смртен исход од истата, стои во соопштението.

Како што е веќе познато, власта најави строги мерки против невакцинираните кои ќе почнат да се применуваат по 15 август.