Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден планира утре да достави барање до Конгресот за дополнителна помош од 60 милијарди долари за Украина и 10 милијарди долари за Израел, изјави неименуван висок претставник.

– Многумина очекуваат Бајден наскоро да поднесе предлог-закон во Конгресот за да обезбеди дополнително финансирање за одговорот на Вашингтон на нападот на Израел на 7 октомври од страна на палестинската милитантна група Хамас, додека исто така бара начин да продолжи да и помага на Украина да ги потисне руските трупи, објавија американските медиуми.

Неименувани извори вчера изјавија дека Бајден размислува да побара дополнителни средства од околу 100 милијарди долари, кои ќе вклучуваат одбранбена помош за Израел, Украина и Тајван, како и средства за зајакнување на безбедноста долж границата со Мексико, која е под зголемен миграциски притисок.

Стотина демонстранти упаднаа во една од зградите на американскиот Конгрес, барајќи од пратениците и администрацијата на Џо Бајден да извршат притисок за прекин на огнот во Газа, која Израел ја бомбардира по нападот на Хамас на 7 октомври.

Облечени во црни маици на кои пишува „Евреите велат: прекинете го огнот сега“ и „Не во наше име“, тие седеа плескајќи и скандирајќи во зградата „Конон“, во која се сместени голем број канцеларии.

Полицијата приведе неколку демонстранти.

„Не се дозволени протести внатре во зградите на Конгресот“, објави полицијата на платформата Х. „Ги предупредивме демонстрантите дека мора да го прекинат протестот и кога не послушаа почнавме да ги апсиме“.

Протестот е организиран од движењето „Еврејски глас за мир“, кое повикува на примирје и се спротивставува на „етничкото чистење на Палестинците извршено од израелската влада“.

Претходно, стотици луѓе се собраа во близина на Капитол, барајќи од администрацијата на Бајден да се заложи за прекин на огнот.

Претседател Џо Бајден вечер во 20 часот по локално време во Вашингтон ќе одржи говор за конфликтот меѓу Израел и Хамас и војната во Украина, соопшти Белата куќа.

Тој ќе зборува од Овалната соба, каде што претседателите традиционално и се обраќаат на нацијата во моменти од критична национална важност.

-Претседателот Бајден ќе и се обрати на нацијата за нашиот одговор на терористичките напади на Хамас против Израел и на немилосрдната нехумана војна на Русија против Украина, рече портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.

Бајден ќе го одржи говорот еден ден по враќањето од Израел, каде што беше во посета во знак на солидарност по нападот на Хамас на 7 октомври и додека се подготвува да побара од Конгресот пакет од 100 милијарди долари, вклучувајќи пари за Украина, Израел и за јужната граница на САД, која е под зголемен мигрантски притисок.